18.07.2012, 14:39 (ФОТО) Вершбоу: Македонија сакаме што поскоро да ја видиме во НАТО
Заменик-генералниот секретар на Алијансата изјави дека тоа ќе се случи веднаш штом ќе се реши проблемот со името во ОН за што постои консензус во НАТО
Македонија веќе се однесува како сојузник и сакаме што поскоро да ја видиме како член на Алијансата. Тоа ќе се случи веднаш штом ќе го решите проблемот со името во ОН за што постои консензус во НАТО, изјави заменик-генералниот секретар на Алијансата Александар Вершбоу по средбата со премиерот Никола Груевски во Владата на Република Македонија.
- Очекувам решението за проблемот со името да се постигне што е можно поскоро и да ја видиме Македонија како 29-та земја-членка на НАТО. Тоа ќе биде корисно за вас, за Алијансата, но и за регионот, порача Вершбоу.
На прашањето дали во НАТО постои план Б доколку не се реши проблемот со името, заменик-генералниот секретар рече дека во НАТО одлуките се носат со консензус.
- НАТО е организација во која одлуките се носат со консензус. Во моментов нема план Б, бидејќи за менување одлука донесена со консензус на самит повторно е потребен консензус, рече Вершбоу.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски истакна дека Република Македонија веќе се однесува како член на НАТО и оти досега повеќе пати има потврдено дека го заслужува местото во Алијансата.
- Очекувавме уште пред многу циклуси да бидеме земја-членка, но сепак континуирано продолжуваме со исполнување на сите цели зацртани во акциските планови. Исполнувањето на 12-те МАП-а е уште еден доказ кој ја прави блокадата апсурдна. Очекуваме да продолжиме со нашето однесување како НАТО земја-членка, но и Алијансата да ја препознае вредноста заедно со земјата која досега го опструираше патот за наше зачленување, да покаже и зрелост и концепт и конкретна контрибуција за да го заокружиме тој процес. Дефинитивно од тоа сите ќе имаме корист, рече Попоски.
|