18.07.2012, 12:13 Промената на косовските граници ќе предизвика тензии
Секој обид да се променат границите на Косово ќе создаде огромни тензии и конфликти во регионот, а за нивно надминување ќе биде потребно многу време, изјави албанскиот премиер Сали Бериша вчера во Рим каде се одржува собир под наслов „Денешните предизвици за мирот и стабилноста“ .
Задржувајќи се на актуелната состојба на Балканот, Бериша оценил дека ситуацијата во регионот во моментот е мирна и стабилна „иако се уште има проблеми кои може да се надминат“.
Тој додал дека на Косово правната држава била зајакната и оти земјата се повеќе е призната на меѓународни форуми, а разговорите Приштина-Белград, со посредство на Брисел, овозможуваат интензивна регионална соработка.
- Убеден сум дека прифаќањето на актуелните граници е од круцијално значење за мирот и стабилноста во регионот. Секој обид за нивна промена отвора синџир на тензии, а потоа и конфликти, и ќе биде потребно многу време тие да се елиминираат, нагласи Бериша, изразувајќи ја подршката на Албанија за европска интеграција на регионот. |