20.07.2012, 17:00 Британците очекуваат жетва на медали
Домашниот тим на Игрите во Лондон ќе има 542 спортиста што е рекорден број натпреварувачи од Велика Британија на една олимпијада
Јавноста во Велика Британија со нетрпение и оптимизам ги брои деновите со почетокот на натпреварите на Олимписките игри во Лондон затоа што се укажува дека нивните претставници се подготвени да освојат најголем број на медали во историјата. Истражувањата на Островот упатуваат дека Британците може да бидат четврти по бројот на освоени одликувања и да ја потиснат моќната Русија. Уште едно истражување вели дека В. Британија ќе освои повеќе златни медали од Русите.
Во Пекинг пред четири години британските спортисти се закитија со 47 медали од кои 19 беа златни. Затоа и олимпискиот комитет на земјата домаќин постави цел – 48 медали во Лондон.
Проценките во истражувањето говорат дека тоа е потценување бидејќи Британците би можеле да освојат меѓу 65 и 68 медали. Тоа не претставува изненадување со оглед дека националната лотарија вложи 312 милиони фунти во Британскиот олимписки комитет (БОК) во 2008 година. БОК, пак, потроши 13 милиони фунти, од 21 милион фунти колку што тежи неговиот буџет, за подготовка на својот тим оваа година. Па, затоа сега се надеваат дека вложените финансии ќе ги претворат во злато, сребро и бронза во Лондон.
Британските олимписки претставници имаа надолна линија од 1996 година во Атланта каде што освоија само 15 медали. Најдобри резултати забележаа во Пекинг од каде што се вратија со 47 одликувања.
Домашниот тим на Игрите во Лондон ќе биде претставен од 542 спортисти, што е рекорден број спортисти од Велика Британија што учествувал на една олимпијада, па тоа е една од причините за нивните очекувања за жетва на трофеи.
Истражувањата објаснуваат дека успехот би можел да се должи најмногу на домашниот терен и поради тоа Британците би можеле да освојат уште 21 медал.
|