19.07.2012, 14:46 „Монструм“ укажа на празнини во Законот за заштита на сведоци
Хелсиншкиот комитет во својот најнов извештај посочува на низа пропусти во постапката за случајот „Смилковци“
Случајот „Монструм“ покажува дека постои реална опасност Законот за заштита на сведоци да биде злоупотребуван во предистражната постапка. Ова е ставот на Хелсиншкиот комитет на Македонија, кој во последниот извештај изнесува низа пропусти во однос на постапката и известувањето за грозоморното петкратно убиство кај Смилковското Езеро. По апсењето на еден од осомничените, по неговото изведување пред истражен судија, од потенцијален заштитен сведок тој доби статус на обвинет.
„Во Законот е утврдено дека заштитен сведок може да биде лице кое за тоа „доброволно“ ќе се пријави, а за неговата одлука не мора да биде известен, ниту адвокат ниту член на неговото семејство. Токму оваа можност остава простор одредено лице, под присила и со полициски закани, да потпише согласност за вклучување во програмата за заштита на сведоци. И покрај тоа што предлогот за вклучување во програмата го поднесува Јавен обвинител, а за вклучувањето одлучува Советот за заштита на сведоци, ниту едно од овие лица не доаѓа во контакт со можниот заштитен сведок, односно за одвивање на постапката е доволно само негово писмено барање кое го обезбедува МВР“, се наведува во извештајот.
Хелсиншкиот комитет смета дека е во интерес на заштитените сведоци, пред потпишувањето на писмената согласност за вклучување во Програмата за заштитени сведоци, да им се даде можност тие да се советуваат со адвокат и доколку пак во постапката лицето не се согласи, при проверката на писмената изјава, треба да се овозможи да биде сослушан од Јавен обвинител или од Советот за заштита на сведоци. Со ваквата законска можност би се обезбедило соодветно ниво на заштита на правата на заштитените сведоци, со што се стеснува просторот за можни злоупотреби од страна на полицијата.
Хелсиншкиот комитет има забелешки и за начинот на кој беше спроведена полициската истрага за убиството на петтемина во мај годинава.
„Методите на изнесување информации за текот на истрагата како и идентитетот на осомничените, ја ставија во сенка брзата акција на полицијата за откривање на сторителите, па како и досега во сите поголеми акции на МВР, беше прекршен принципот на пресумпција на невиност“, се наведува во извештајот. Притоа се додава дека до Хелсиншкиот комитет се обратиле семејствата на обвинетите за убиството. „Тие укажаа на несоодветно и понижувачко однесување на полицијата во текот на постапката, со методи на заплашување, дека маскирано лице го вршело распитот, како и дека им ��иле давани лажни податоци за смртта на членови на нивните семејства. Дел од лицата, кои биле приведени, укажаа дека при истрагата трпеле понижувања во однос на нивната верска припадност и верски обреди, како и дека им биле упатувани закани“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет. (Д.Т.)
|