19.07.2012, 09:20 Руски милијардери го откупуваат уделот на БП во ТНК-БП
Четворица руски милијардери, кои поседуваат половина од акциите на руско-британската нафтена компанија ТНК-БП, соопштија дека имаат намера да го откупат уделот на британскиот петрохемиски гигант БП во ова нивно заедничко претпријатие.
Најавата на четворицата милијардери, сопственици на конзорциумот „Алфа Аксес Ренова“ (ААР), следи откако БП на почетокот на месецот соопшти дека е приморана да бара купувачи за својот удел во ТНК-БП поради „хроничните несогласувања меѓу членовите на Управниот одбор“ на компанијата.
Преку ТНК-БП, во која сега поседува 50 проценти од акциите, БП обезбедува една третина од своето нафтено производство.
Во соопштението на ААР се нагласува дека конзорциумот официјално го известил БП дека „планира да започне преговори за зголемување на својот удел во ТНК-БП“, која е трета по големина нафтена компанија во Русија. |