17.07.2012, 15:19 Телата на загинатите стружани ќе бидат пренесени дома
Двете семејства кои беа полесно повредени во трагичната сообраќајна несреќа кај грчкиот град Кавала се враќаат во Струга. Како што информираат од македонскиот конзулат во Солун, возачот кој управувал со возилото веќе завршил со судските процедури, дал изјава пред истражниот судија во Кавала во присуство на адвокат предложен од конзулатот. Ослободен е од истражниот судија и нема да биде задржан во Грција.
Останатите четворица патници кои беа повредени и задржани во болница се очекуваше да бидат пуштени од болница во брзо време затоа што се без поголеми повреди и вон животна опасност. Единствено во болница уште четири до пет дена ќе биде задржано двегодишното девојче, ќерка на возачот на комбето, кое има фрактура на главата.
Од конзулатот во Солун истакнаа дека во текот на вчерашниот ден било предвидено телата на трагично загинатите четворица членови на струшкото семејство да бидат пренесени во Македонија. Во конзулатот ги очекуваа роднините на семејството да им биде издадена спроводница, за потоа да може телата да се пренесат преку граничниот премин Меџитлија во нивната родна Струга.
Четирите членови на струшкото семејство, мајка, ќерка син и неговата шестгодишна ќерка го изгубија животот во сообраќајна несреќа во неделата на автопатот од Кавала кон Солун. Комбето со кое управувал еден од членовите на семејството не удило во друго возило, туку излетало правецот на движење и се превртело на автопатот. Двете семејства се враќале заедно од свадба во Турција. (М.П.)
|