18.07.2012, 14:58 Убиецот од Неготино во притвор
Неготино - Истражен судија во Велес му изрече 30 дена притвор на дваесет и тригодишниот Димитар Спасов од Неготино поради убиство на неговата мајка и тој веќе се наоѓа во Истражното одделение на затворот „Скопје“.
Од судот во Велес рекоа дека Спасов соработувал со истражните органи и дал одбрана за случајот. Тој на распит пред истражниот судија бил донесен денеска, по што му била изречена мерката притвор.
Спасов вчера во утринските часови со десетина убоди од нож во предлот на вратот, стомакот и градите ја уби својата 57- годишна мајка Нада. По убиството околу 3.40 часот тој сакал да се ослободи од мајка си, чие тело облеано во крв го одвлечкал до контејнерите зад зградата во која живеат. Притоа оставил бројни траги од крв по скалите од четирикатната зграда. Таа грозоморна глетка ја забележале работници во комуналното претпријатие и ја алармирале неготинската полција, по што момчето беше приведено. Убиената жена денеска попладне, по завршената обдукција, беше погребана на гробиштата во родното село Тремник, Неготинско. (А.Д.)
|