20.07.2012, 15:54 Земјоделците ќе ги легализираат своите трактори и механизација
Владата го усвои Законот кој ќе овозможи легализација на тракторите, приколките и останатата земјоделска механизација.
Како што соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, исполнувањето на ова ветување значи решавање на деценискиот проблем со кој се соочуваат земјоделците, можност тие да остваруваат дополнителна вредност и да ја засилат својата конкурентност преку добивање средства од Програмата за рурален развој.
Се очекува Законот да стапи во сила идниот месец, а целиот процес на легализација да се заокружи за една година. Постапката е максимално поедноставена, шест месеци ќе бидат потребни за пријавување на механизацијата и уште толку за нејзино регистрирање.
Според Студијата што ја изготвија тим професори од Факултетот за земјоделски науки и храна, во Македонија има околу 100.000 парчиња механизација од кои 25.000 до 35.000 трактори, но многу мал дел, само пет до 10 отсто со документи за сопственост. - До август 2013 очекуваме да бидат легализирани најмалку 25.000 трактори и уште 100.000 приколки, косилки, приклучни машини и друга механизација, истакна Ѓорѓиев.
Со законот се предвидува можност и право преку вонпарнична постапка да се утврди сопственичкиот статус на корисникот на механизацијата со што лицето може да ја почне постапката за регистрација.
Секое физичко и правно лице ќе треба да се обрати до месно надлежниот суд и да поднесе барање со два документа, изјава заверена на нотар дека совесно го стекнал и владее со средството, како и потврда на идентификациски карактеристики која содржи број на мотор и шасија, марка, тип и година на производство. Доколку нема, корисникот може да приложи и трет документ, стар купопродажен договор, стара сообраќајна дозвола, платена царина,...
По добивање на барањето, судот прави предмет и донесува предлог решение за легализација кое потоа го доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Министерството е должно во рок од три дена да го испрати до подрачната единица од каде што е лицето подносител и средството. Подрачната единица потоа го изложува решението на огласна табла. Ако во рок од 30 дена ниту едно лице не приговори на решението, подрачната единица го известува судот кој носи конечно решение што во суштина е т.н. доказ за сопственост.
Со добиениот доказ за сопственост, земјоделецот корисник го пријавува средството во МВР и, со цел регистрација, приложува потврда за идентификација. Потврдата ќе се издава на терен од надлежните служби кои имаат мобилни екипи.
|