18.07.2012, 09:41 Николиќ ја гарантира безбедноста на Тадиќ
Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека ја гарантира безбедноста на својот претходник Борис Тадиќ.
- Му кажав на господинот Тадиќ дека неговото семејство ќе биде безбедно исто како и моето. Тоа му го должам на оној кој двапати ме победи на избори, истакна Николиќ за денешното издание на „Прес“, коментирајќи ги последните информации на безбедносните структури дека е загрозена безбедноста на лидерот на Демократската партија.
Тој нагласи дека на Тадиќ му ветил заштита веднаш откако е избран за претседател и дека неговиот став околу прашањето за безбедноста на поранешниот шеф на државата не е променет.
- Па како да не го заштитам Тадиќ. Поинаку не е ни можно, додаде Николиќ.
Во понеделникот весникот „Прес“ соопшти дека Српскиот наркобос Дарко Шариќ, кој е во бегство, понудил награда од десет милиони евра за убиство на шестмина српски високи функционери, кои според него се виновни за падот на неговата наркоимперија.
Весникот објави дека на списокот, кој една западноевропска разузнавачка служба минатата недела и го доставила на српската Агенција за безбедност и разузнавање (БИА) се поранешниот претседател Борис Тадиќ, неговиот шеф на кабинет и претседатл на Канцеларијата за координација на Советот за национална безбедност Миодраг Ракиќ, министерот за внатрешни работи и мандатар за составување на нова влада Ивица Дачиќ, директорот на БИА Саша Вукдановиќ, обвинителот за борба против организираниот криминал Милко Радисавлевиќ и министерот за прада Снежана Маловиќ. |