17.07.2012, 15:49 (ФОТО) Се уште активни пожарите во селата Патетино и Разловце
Во светиниколското село Патетино во пожарот изгореа 15 куќи од кои три сосема напуштени
ФОТО: Петр Стојановски
Пожарот во селото Патетино кон Ранчинци, Свети Николе, е се уште активен. Се шири во правец на селата Раченци и Мечкуевци. Од десната страна на Раченци кон Патетино, кај чешма Чепур, горат сува трева и ниско стеблеста и дабова шума на околу 30 хектари.
Моментно е во тек интервенцијата за гаснење на пожарот. Повикани се дежурните од Противпожарната единица – Штип, а ангажирани се и Македонски шуми, како и месното население, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Според регионалните центри за управување со кризи, гаснењето е отежнато поради силниот ветер. На самото место се излезени истражен судија, обвинители и крим техника од Полициската станица во Свети Николе, вршат увид во селото поради куќите кои вчера беа зафатени во пожарот.
Во светиниколското село Патетино во пожарот изгореа 15 куќи од кои три сосема напуштени, а по две повремено и постојано населени. Покрај тоа настрадаа и 37 пчелни семејства и еден трактор.
Активен е и пожарот во селото Разловци, Делчевско, но од две страни е веќе ставен под контрола и неговото ширење е спречено. До крајот на денот се очекува целосно локализирање.
Кај селото Робово, општина Берово, и кај Умљење, Пехчево, пожарот е со посилен интензитет. Досега се зафатени 200 хектари мешана шума, бор и смрека. Од утрово делуваат и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување. Ангажирани се вработени во шумското стопанство „Голак“, вработени во ЈПКД „Брегалница“ и пожарникари од единиците во Делчево.
Според Центарот за управување со кризи, локализирани се пожарите во атарот на тетовското село Желино, во атарот на селата Прждево и Тремник, Неготинско, како и во близина на Стар Дојран. Овие места постојано се контролираат поради опасноста од повторно разгорување.
|