19.07.2012, 10:26 Иранската телевизија ги отфрли тврдењата за вмешаност во нападот
Иранската државна телевизија ги отфрли денеска обвинувањата дека Техеран бил вмешан во вчерашниот крвав напад врз израелски туристи во Бугарија.
Во коментар, објавен на Интернет страницата на телевизијата, тврдењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на други израелски претставници за вмешаноста на Иран во нападите се означени како „смешни и сензационални“.
Според иранската телевизија израелските обвинувања се обид за дискредитирање на Иран и неговите сојузници како Сирија.
Засега нема официјални изјави од иранските власти по вчерашниот напад во Бургас, во кој загинаа најмалку осум лица. |