19.07.2012, 09:10 Израел cе соочува со бран терористички напади

Израел е исправен пред светски терористички бран, спонзориран од Иран, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак по вчерашниот крвав антиизраелски атентат во Бугарија.
-Ние сме исправени пред светски терористички бран (...). Атентатот во Бургас беше извршен од активисти на (либанското шиитско движење) Хезболах и спонзориран од Иран, соопшти Барак за израелското државно радио.
-Мрежите на Ал Каеда и Светскиот исламски џихад, исто така, дејствуваат, додаде тој и наведе долга серија неодамнешни напади или обиди за напади врз Израелци во странство, најмногу во Кенија, Тајланд, Азербејџан, Грузија и Кипар.
-Стотици илјади Израелци се наоѓаат во странство и нашите разузнавачки служби се во контакт со нивните странски колеги, на кои им ги предаваат своите информации, посочи израелскиот министер.
- Понекогаш има многу големи успеси, но не секогаш нештата минуваат и треба да продолжиме да живееме. Ќе направиме се што е можно за наоѓање на извршителите на атентатот во Бургас и нивните спонзори, уверува Барак.
Израелскиот министер за одбрана соопшти дека телефонски разговарал и со неговиот американски колега Лион Панета за нападот врз израелски туристи во Буграс, при што била разгледана можноста за заедничка истрага на американската ЦИА и израелските служби Мосад.
Според информациите кои во текот на ноќта и утрово ги соопштија бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов, речиси е сигурно дека нападот го извел бомбаш-самоубиец, чиј вистински идентитет се‘ уште не е утврден, но се знае дека имал лажни документи од американската сојузна држава Мичиген.
Израел испратил во Бугарија доброволци од невладина религиозна организација, која се занимава со собирање на останки од човечки делови по терористички напади, бидејќи според еврејските религиозни закони целото тело на починатиот треба да биде погребано. |