19.07.2012, 09:34 Ципрас: Владата лаже дека нема нови мерки за штедење
Лидерот на грчката опозициска партија Сириза, Алексис Ципрас ја обвини Владата дека има „катастрофална програма“ и оти лаже дека нема да преземе повеќе фискални мерки.
- Тие се држат до катастрофалната програма и продолжуваат таму каде што застана Лукас Пападимос. Владата исто така покажува слабост во способноста повторно да преговара за договорот за заем и целосно и се предаде на тројката, изјави Ципрас по вчерашниот состанок на премиерот Самарас со коалициските партнери.
Тој ги обвини партиите што ја поддржуваат Владата дека лажат кога тврдат дека нема да преземат нови мерки. Според него, Владата само ги извршува наредбите на тројката и не работи во интерес на народот.
Лидерот на Сириза рече дека ќе одбие било каква покана да се сретне со претставниците на тројката кога ќе дојдат во Атина наредната недела.
- Нема зошто да се среќаваме со нив. Ја повикуваме Владата да го направи истото и да ја исполни вољата на народот, рече Ципрас и го повика Кабинетот на Самарас да побара итен самит на лидерите од ЕУ на кој ќе се разговара за програмата за Грција. |