19.07.2012, 14:35 (ФОТО) Туристички автобус за панорамско разгледување на Скопје
Од градскиот плоштад, пред портата „Македонија“ денеска беше пуштена во употреба новата туристичка автобуска линија на која ќе сообраќа двокатниот автобус наменет за панорамско разгледување на Скопје.
Новата автобуска линија ја пуштија во употреба скопскиот градоначалник Коце Трајановски и директорот на ЈСП „Скопје“ Мишо Николов.
- Град Скопје, преку ЈСП „Скопје“ ја промовира новата туристичка автобуска линија за разгледување на знаменитостите во Скопје. На оваа туристичка линија ќе сообраќа отворен двокатен автобус т.н. панорамски автобус. Линијата по која ќе се движи автобусот е усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје, рече Трајновски.
Автобусот ќе тргнува од портата „Македонија“, а ќе минува по „Димитрија Чуповски“ и булеварот „Св. Климент Охридски“. Потоа ќе оди покрај Соборниот храм, до Владата на Република Македонија, по булеварот „Илинден“, преку мостот „Гоце Делчев“, на улицата „Самоилова“, покрај Скопско кале, црквата „Св. Спас“, Мустафа-пашината џамија, а ќе се врати назад преку Музејот на Град Скопје и повторно ќе дојде пред портата. Автобусот ќе сообраќа двапати дневно, во 11 и во 17 часот.
Според Трајановски, ова е одлична можност туристите и жителите на Македонија, преку овој панорамски автобус да се запознаат со главните обележја на Скопје.
- Консултирани се туристичките агенции во Скопје за да можат да ги вклучат туристите кои престојуваат во Македонија и во главниот град. Активно е вклучено и Туристичкото биро на Град Скопје, рече Трајановски.
Во автобусот ќе има туристички водич, кој ќе зборува на два јазика, на македонски и на англиски јазик.
- Ова е добра можност за привлекување на што повеќе туристи во Град Скопје, како и за подобро запознавање на главниот град, потенцира Трајановски.
Директорот Николов изјави дека цената на автобускиот билет за почеток ќе изнесува 35 денари, колку што изнесува и билетот во автобусите на ЈСП „Скопје“.
- Понатаму, во зависност од побарувачката ќе видиме дали ќе имаме различна цена, рече Николов.
Тој додаде дека пред поратата „Македонија“ наскоро ќе се постави постамент кој ќе содржи мапа и информации за оваа туристичка автобуска линија. Низ хотелите во Град Скопје и низ туристичките агенции ќе се даваат мапи со точната маршрута по која ќе сообраќа автобусот и информации за термините.
|