20.07.2012, 16:17 „Мајкрософт“ прв пат покажа загуби
Американскиот компјутерски гигант „Мајкрософт“ прв пат од појавувањето на берзата, пред 26 години, има загуби во еден квартален период, пренесоа светските агенции.
Компанијата регистрира загуби од 492 милиони долари меѓу април и јуни 2012 година. За споредба, во истиот период лани таа имала заработка од 5,9 милијарди долари. Според експертите, загубите се должат на неуспешното купување на компанијата за интернет-реклама „А Квонтив“. „Мајкрософт“ ја купи компанијата во 2007 година за 6,3 милијарди долари, но зделката не донесе враќање на капиталот, како што очекуваше раководството.
„Мајкрософт“, меѓу април и јуни годинава, регистрира приходи од 18,06 милијарди долари, што е за седум проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Истовремено, интернет-рекламата на соперникот на „Мајкрософт“ - „Гугл“ и натаму цвета и оваа компанија ги зголеми приходите и заработката во второто тримесечје на оваа година, посочуваат агенциите.
|