20.07.2012, 17:06 Богов: Банките стабилни дури и ако некој излезе од еврозоната
Банкарскиот сектор во земјава не би бил загрозен, дури и ако некоја држава излезе од еврозоната, што би предизвикало потрес и би го намалило економскиот раст во Европа. Ваква е оценката на гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, кој денеска ја изнесе на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која го презентираше годишниот извештај за работењето на централната банка за 2011 година. Најзрела за излез од еврозоната, според него, е Грција.
„Нашите банки не се изложени кон матичните банки во Европа, особено кон грчките банки. Во нашето законодавство има одредба која забранува нашите банки да изложат повеќе од 10 отсто од својот капитал кон матичните банки. Со тоа многу мал простор им се остава, колку пари тие може да изнесат од Македонија. Кај банките единствено постои психолошкиот ефект и ние тука работиме да им излеземе во пресрет и да им уфрлиме ликвидност доколку се случат такви психолошки притисоци“, рече Богов.
|