18.07.2012, 12:03 Писмо од Вељаноски до претседателот на грчкиот Парламент
Во писмото се изразува подготвеност за унапредувањето на соработката меѓу двете држави
Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски упати писмо до неговиот грчки колега Евангелос Василеос Мимаракис во кое му го честита изборот за претседател на Парламентот на Република Грција.
- Ценам дека токму во ова време, кое бара храбри решенија и одлучност да се совладаат разните проблеми, соседните земји први треба да покажат доблест и подадена рака за остварување еден нов дух на соработка. Без оглед на разликите кои постојат, градењето на добрососедските односи нема алтернатива. Истовремено, ценам дека токму парламентарната соработка и парламентарната дипломатија претставуваат особено погоден и взаемно прифатлив почетен механизам за градење на довербата, добрососедските односи, развојот на регионот и унапредувањето на евроатлантските интегративни процеси, се вели во писмото од Вељаноски до Мимаракис.
Притоа, изразува подготвеност за унапредувањето на соработката меѓу двете држави и го кани да ја посети Република Македонија, а деталите за посетата да бидат договорени по дипломатски пат.
- Убеден сум дека посетата ќе даде почетен придвижувачки импулс за воспоставување соработка и пријателство меѓу нашите две соседни земји, се додава во писмото од Вељаноски до неговиот грчки колeга Мимаракис. |