18.07.2012, 14:55 Пет фирми во трка за тендерот за полициски возила
Вкупно пет компании се впуштија во трка за добивање на бизнисот со полицијата за купопродажба на 150 возила. Нивните понуди се движат од 237 до 299 милиони денари што значи дека за набавка на нови автомобили, од МВР ќе се бараат и до педесет милиони евра. Ова, всушност, е повторен тендер, бидејќи првиот распишан во март - пропадна од причина што понудите на двете компании што влегоа во најтесен избор не му одговараа на Министерството.
Од МВР денеска соопштија дека на огласот се јавиле „Порше Македонија“ (нудат модел Шкода јети амбишн 2.0 ТДИ), „Аутомотив Груп“ (Рено колеос динамик 2.0. ДЦИ), „Аутомакедонија“ (Опел инсигниа НБ 2.0 ЦДТИ седан), „Ка-Дис“ (Сеат алтеа фритрек ТДИ 2.0 4WDД) и „Делукс-Ауто“ (Фолксваген тигуан трак едн стил 2.0 ТДИ). Наредните денови ќе се оценува дали во нив се исполнети условите предвидени во тендерската документација.
„Доколку се потврди тоа, заинтересираните ќе бидат известени за терминот на јавното наддавање, бидејќи единствен критериум по кој ќе се одбере новото возило на македонската полиција ќе биде понудената цена“, соопшти МВР.
Во крајната цена треба да биде вклучена и специфичната опрема за возилата, што подразбира држачи на радиостаници, носачи за ротациски светла, соодветна надворешна боја и друго. Начинот на плаќање на возилата е предвидено да биде на 36 месечни рати.
„Станува збор за купување на возила, а не лизинг, така што со потпишувањето на договорот и испораката на возилата, нивен сопственик станува МВР“, потенцираат надлежните.
|