19.07.2012, 13:00 Ренова сака чиста мрежа со Гомел
Освојувачот на купот на Македонија попладнево (17,30 ч.) домаќин на Гомел во првиот меч од второто коло за Лига Европа
Ренова се наоѓа пред сериозен предизвик во квалификациите за Лига Европа. Откако рутински го мина тимот на Либертас од Сан Марино во воведната рунда, освојувачот на македонскиот куп попладнево на стадионот на Башкими во Куманово е домаќин на белоруски Гомел. Мечот почнува во 17,30 часот, правдата ќе ја дели судиски колегиум од Полска на чело со Хуберт Сиејевиц.
„Во тимот на Гомел добивме квалитетен ривал за оваа фаза во Лига Европа. Белорусите се фаворити, имаат повеќе искуство од нас. Наше е да одиграме најдобро што знаеме. Го респектираме противникот, но фокусирани сме на нас“, вели напаѓачот Бобан Јанчевски.
Прволигашот од Џепчиште максимално сериозно му приоѓа на денешниот дуел. Во него ќе влезе од карантин и ќе се обиде да извлече што е можно поповолен резултат. Сите до еден посакуваат победа, макар и минимална, меѓутоа најважно ќе биде нивната мрежа да остане незатресена. И 0:0 не би бил лош епилог за нив. Во една таква ситуација ќе се обидат да го минат Гомел по рецептот по кој Металург ја мина Биркиркара, со гол на гости.
„Во една таква ситуација секој наш гол во Белорусија ќе биде од непроценлива вредност и значење. Треба да бидеме мудри за да забележиме историски успех. Знаеме што сакаме, имаме квалитет, мотивирани сме“, дополни Јанчевски за кого ова ќе биде втор меѓународен настап за Ренова ова лето, откако поради црвениот картон против Гленторан лани беше принуден да ја пропушти првата средба со Либертас.
Ова е второ соочување на Ренова со тим од Белорусија во европските фудбалски купови. „Гипсарите“ пред неколку сезони го добија Динамо Минск во квалификациите за Лига Европа, но притоа беа елиминирани. Во прилог на оптимизмот дека ќе останат непоразени оди и поволниот здравствен билтен. Тренерот Влатко Костов може да смета на сите фудбалери што ги има на располагање.
Гомел е клуб со традиција во Белорусија и редовен учесник во европските фудбалски купови. Зад себе има една титула во домашниот фудбалски шампионат, две во националниот куп и е актуелен сопственик на трофејот во Суперкупот. Моментно се наоѓа на третата позиција во белоруската Премиер-лига, меѓутоа е многу незгоден гостин, со шест победи во седум меча. Во основа тимот е составен од белоруски играчи дополнети со неколку странци како Украинецот Воронков, Русинот Липаткин, Колумбиецот Паломеке, Србинот Остоиќ и Полјакот Новак. (С.Д.)
|