18.07.2012, 19:00 Вершбоу гo построи цело НАТО зад ветото
Заменик-генералниот секретар на НАТО побара зголемување на буџетот за одбраната
Заменик-генералниот секретар на НАТО, Александер Вершбоу, ја зацементира вчера позицијата околу нашата покана за членство потврдувајќи дека не само дека Хашката пресуда ништо не менува во ставот за Македонија утврден во Букурешт, туку и за да се случи тоа треба „консензус за консензусот“.
„НАТО е организација во која одлуките се носат со консензус. Во моментов нема план Б, бидејќи за менување одлука донесена со консензус на самит повторно е потребен консензус“, порача Вершбоу. Како прв функционер на алијансата што по подолг период и по самитот во Чикаго ја посети Македонија, Вершбоу оцени дека Македонија веќе се однесува како сојузник, па во НАТО сакаат што поскоро да ја видат како членка. „Тоа ќе се случи веднаш штом ќе го решите проблемот со името во ОН, за што постои консензус во НАТО“, изјави тој давајќи му поширок контекст на грчкото вето како политика зад која стојат сите земји-членки.
„Очекувам решението за проблемот со името да се постигне што е можно поскоро и да ја видиме Македонија како 29. земја-членка на НАТО. Тоа ќе биде корисно за вас, за Алијансата, но и за регионот“, поентираше тој на што шефот на дипломатијата Никола Поповски реплицираше со став дека очекувавме и ние, но многу циклуси на акционите планови пред сегашниот 13-ти. Тој нагласи дека Македонија заслужува местото во Алијансата и дека исполнувањето на 12. МАП-а е уште еден доказ кој ја прави блокадата апсурдна. На средбата со министерот за одбрана Фатмир Бесими Вершбоу индиректно побарал да се зголеми буџетот за одбраната во иднина и ја поздравил силно најавата за педесетпроцентна распоредливост на воените сили на Македонија.
И Бесими и Попоски му пренеле дека стојат цврсто на заложбата за прием на Македонија во НАТО и дека таа с��ратешка цел не се менува и по Чикаго. Присуството на високиот функционер на алијансата Попоски го искористи да испрати уште еден повик до грчкиот политички врв за „зрелост и конкретен придонес во нашето зачленување место опструирање, со оценка дека сама по себе средбата со генералниот секретар Бан Ки-мун нема да донесе придвижување околу спорот за името, ако нема комуникација на сите нивоа со Грција. Практично тој се приклучи на хорот на барања изминативе денови од нашиот државен врв за средби на високо ниво меѓу двете земји, а пред се' со Андонис Самарас. „Само така може да дојде до некакво придвижување. Македонија е отворена за комуникација со секого и на секое ниво. Се надевам дека ќе видиме суштинска посветеност од нашите соговорници во Грција како значаен фактор за создавање клима и придвижување во вистинскиот правец“, рече Попоски.
Додека траеја разговорите со Вершбоу во Владата влезе грчката амбасадорка Александра Пападопулy која имаше средба со вицепремиерката за евроинтеграција Теута Арифи. Грчки извори средбата ја оценија како регуларна и дека не е невообичаена, бидејќи амбасадорката се среќавала со повеќе министри, а вчера и со министерот за правда - практика што не беше присутна претходно. (С.Ј.) |