17.07.2012, 17:46 Колку ќе биде безбеден скопскиот Менхетн
Експертите тврдат дека земјиштето во Аеродром е несоодветно за толку високи објекти
Бојан Шашевски
На само ден по стартот на изградбата на четирите највисоки згради во државава започнаа и дискусиите со економска, естетска и политичка димензија, а се огласуваат и градежници, сеизмолози и инженери. Исто како и многупати досега, дел од нив посочуваат дека Општина Аеродром се наоѓа на прилично небезбедна и непогодна почва за толку високи објекти, па, евентуален земјотрес би можел да предизвика големи градежни оштетувања. Нагласуваат дека првите безбедносни апели биле упатени уште неколку години по катастрофалниот земјотрес. Со студијата на професорот во пензија на Градежниот факултет, Апостол Поцески, „Ефектот на почвата од скопскиот земјотрес во 1963 година“ се испитувало составот на земјата во градот и нејзиното влијание на градбите. Се покажало дека целата скопска котлина лежи на чакал, кој некаде е прилично плиток.
Дека таквите разлики во длабочината можат да бидат непријатни при земјотреси потсетува и професорот на Архитектонскиот факултет во пензија, Лилјана Атанасова-Коцева, која е и доктор по земјотресно инженерство.
„Уште во времето на моите студии во шеесеттите години се вршеа бројни анализи и геомеханички испитувања на територијата на Аеродром, по што се констатираше дека општината има најлоша почва во Скопје. Од сеизмичка гледна точка, навистина мора да се води сметка колку ката ќе бидат под земја и да се имаат на увид повеќе градежни фактори“, смета Атанасова-Коцева. Според неа, апсолутно не е хумано живеењето во високи згради. „Додека бев во Токио во 1968 година, на островот Хоншу се случи силен земјотрес, чиј епицентар беше 150 километри северно од главниот јапонски град. Во тој момент бевме само на 8 кат од една стоковна куќа, но таа целата се лулаше и трепере��е. Значи, високите објекти под дејство на ветер постојано ќе чувствуваат товар и вибрации. Хоризонталните сили произведуваат едно непријатно, нехумано чувство во згради над 20 ката. Административните објекти се друга работа, но, во многу високи згради ќе може да го чувствуваме секој земјотрес што ќе се случи во Македонија, во нејзината околина, па и подалеку“, објаснува некогашната професорка на Архитектонскиот факултет. Вели дека ако земјотресниот епицентар е подалеку, тогаш амплитудата е повисока и малите згради ништо не чувствуваат, но затоа има страшни и непријатни влијанија врз повисоките објекти.
„Се сомневам дека Турците ќе ја изградат зградата со 42 ката. Не знам колку е тоа возможно. Треба да се има на ум дека за толкав објект 2-3 ката, треба да бидат под земја. Се надевам дека веќе правеле елаборат, разни испитувања и консултирале повеќе домашни архитекти и инженери“, вели таа, додавајќи дека не е спорно дали ќе се градат зградите, но, предупредува дека ако е слабо земјиштето, тогаш нивната реализација ќе биде далеку поскапа и проблематична. Ја споменува и близината на реката Вардар. Статиката, според неа, треба да биде приспособена за носивоста и мора да се води сметка за почвата и сеизмичките сили.
„Доколку веќе не се, мислам дека и наши експерти треба да се вклучат во проектот. Може да се изведе толку високо, но, навистина мора да се има предвид дека носивоста на земјиштето во Аеродром е послаба од други места“, констатира Атанасова-Коцева.
Професорот кој ја правеше постземјотресната студија за градската почва, пак, уште претходно предупреди дека скопската е испресечена со многу раседи, но меѓу најстрашните е оној што минува токму низ централното подрачје. Освен Градскиот ѕид, Универзална сала, Стара железничка станица, Железарница и Кисела Вода, во критичниот сеизмички појас, каде што земјениот чакал и денеска тоне, ги смести и Аеродром и Ново Лисиче.
„Таму не треба да се градат објекти повисоки од осум ката. Детално се знае каква е почвата низ Скопје и не мора да се прават нови испитувања. Затоа во сите нови урбанистички решенија мора да се земат предвид. Стручната јавност знае за испитувањата и за студијата, но намерно ги премолчува бидејќи веројатноста да се случи некоја нова катастрофа во скоро време е мала. Но, ова што се прави со градбите во Скопје е злосторство кон идните генерации“, изјави претходно пензионираниот професор Апостол Поцески, сметајќи дека е бесмислица во Скопје да се градат толку високи згради, почвата не може да издржи такво нешто, а друг проблем е што поради составот на земјиштето, станарите на овие згради многу посилно ќе ги чувствуваат и поддалечните земјотреси. |