20.07.2012, 17:11 Возач на камион загина при судар со воз
Велес - Кратовчанецот Борче Ивановски (53) загина во страотна сообраќајна несреќа кога воз удри во камионот кој што го возел на железничкиот премин Ногаевци – Велес. Камионџијата кој што превезувал камења за реконструкција на мостот на реката Вардар кај Ногаевци, не го забележал возот кој сообраќај од Гевгелија за Велес. Машиновозачот неколкупати сигнализирал, но безуспешно. Локомотивата буквално го разнела камионот, а возачот починал на лице место. Поради несреќата, железничкиот сообраќај беше во прекин четири часа.
Глетката на местото на несреќата денеска беше страотна. Според очевидци, сообраќајката се случила околу 10,45 часот денеска претпладне на железничкиот премин кај селото Ногаевци. Камионот кој го управувал Ивановски носел камења за мостот кој пред некој ден започна да се реконструира. Тој не го забележал возот кој сообраќај од Гевгелија за Велес, ниту црвеното сигнално светло за стоп кое сигнализирало дека доаѓа товарна композиција.
Иако машиновозачот свирел и предупредувал, почнал и силно да кочи, машината била брза, што камионот удрил во возот. Од ударот оштетена е локомотивата, има голема дупка на неа, како и на првиот вагон.
Од силината на ударот камионот бил однесен и сомелен од тешката машина. За Ивановски немало спас - починал на лице место.
На местото на несреќата екипи на полицијата, судот и обвинителството извршија увид. Поради оваа сообраќајна несреќа, железничкиот сообраќај на пругата Скопје - Гевгелија беше во прекин четири часа, до 15 часот. (П.П.) |