22.07.2012, 13:09 Љубе Бошкоски остана без партија
Најблиската соработничка на Бошкоски, Наталија Ивчева, вчера објави преселба во ВМРО-ДПМНЕ заедно со градските разграноци
Горан Адамовски
Љубе Бошкоски од вчера остана без партија. Наталија Ивчева, поранешен генерален секретар на Обединети за Македонија (ОМ) и една од најблиските соработнички на затворениот претседател, вчера на прес-конференција соопшти дека Обединети за Македонија згаснува и оти членството се сели во ВМРО-ДПМНЕ.
Целта, како што рече таа, е да ја поразат коалицијата на Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски, која, како што вели Ивчева, е подготвена да го смени името на државата.
Од она што остана од Обединети за Македонија, вчера, на оваа вест пристигна коментар дека нема да згасне партијата на Бошкоски и дека Ивчева веќе неколку месеци не е нивен член. Возвратија дека таа работи за свој личен интерес.
За најновите случувања, бил информиран и Љубе Бошкоски, кој, наводно, воопшто не бил изненаден со потегот на Ивчева, бидејќи таа и нејзините приврзаници веќе една година работеле на штета на ОМ.
Ивчева вчера на прес-конференција објави дека 95 отсто од локалните раграноци на партијата и внатрешните кругови како оние на подмладокот и на жените се согласиле да ја згаснат Обединети за Македонија и да се приклучат во ВМРО-ДПМНЕ.
„Во овие моменти, за секој нормален човек кој ја сака сопствената држава, најголем приоритет е да не дозволи на власт да се вратат Љупчо Георгиевски и Бранко Црвенковски“, рече таа предизвикувајќи сензација во јавноста, имајќи во предвид колку остри зборови и огнени стрели изминатиов период упатуваше кон Груевски поради апсењето на Бошкоски.
На прес-конференцијата присуствуваа членови на партијата, претседатели на о��штински организации и други претставници на органите на ОМ, кои тврдат дека немаат политички амбиции и оти единствена цел им е „да им се спротистават на Бранко, Љупчо и Тито“.
Според Ивчева, преминот во ВМРО-ДПМНЕ е нивна лична желба и не биле присилени на тоа. Таа покажа документи на кои стојат потписите и печатите на 45 општински организации (Од ОМ тврдат дека голем дел од нив се сменети уште во март, а печатите ги задржале бесправно, за што партијата ги објавила како неважечки), кои претставувале 95 отсто од вкупниот број. Сепак, призна дека печатот на партијата е кај актуелното раководство. На прашањето каков е ставот на Бошкоски, кој е на отслужување затворска казна во Идризово, таа рече дека треба него да го прашаме.
Во Обединети за Македонија, пак, тврдат дека станува збор за театарска претстава, и дека Ивчева и дел од луѓето што се појавиле на прес-конференцијата, одамна не се членови на партијата. За Ивчева велат дека се повлекла, бидејќи не била избрана за потпретседател и затоа сега се одмаздува.
„Партијата не згаснува. Имаме легитимно раководство, со двајца потпретседатели и генерален секретар, кое редовно оддржува состаноци“, вели Јагода Митревска, потпретседател на ОМ.
Во изјава за нашиот весник, таа тврди дека воопшто не биле изненадени од вчерачниот потег на Ивчева и луѓето околу неа, бидејќи, како што вели, веќе една година работела против интересите на партијата.
„Станува збор за бројка од триесетина луѓе, кои се' воделе од лични интереси. Немаме одлив на членството во ВМРО-ДПМНЕ“, појаснува Митревска. Таа потврдува дека стапиле во контакт со Бошкоски, кој, според потпретседателката, изразил рамнодушност, бидејќи го очекувал тоа што се случи вчера.
Се јави и СДСМ, според кого, ова е е една груба манипулација и бесмислен обид налик на оној на Марјан Додовски, бидејќи Ивчева пред година и половина поднела оставка во партијата.
„Ние имаме цврста соработка со легитимните органи на оваа партија, кои имаат и писмено овластување да ја застапуваат партијата и нашата соработка ќе резултира со заедничка коалиција помеѓу другите 20 партии кои ги предводиме, и секако со Обединети за Македонија“, соопшти СДСМ.
Бошкоска: Ивчева доби 100.000 евра
Сопругата на Љубе Бошкоски вели дека Наталија Ивчева зела 100.000 евра од Владата за да го изврши трансферот што како бомба одекна во македонската јавност. Според Виолета Бошкоска, која мометно е во Хрватска, парите на Ивчева и' биле понудени уште пред неколку месеци за што била повикана и била на разговор во Владата во два наврата. За тоа постоеле и записи во повеќе странски амбасади во Македонија, кои ги дала Ивчева, тврди Бошкоска во изјавата за порталот А1.он. |