18.07.2012, 18:38 (ФОТО) Седуммина Израелци загинаа во терористички напад во Бургас
Уште 30-тина лица се ранети при експлозијата во автобус со израелски туристи. Израел тврди дека зад нападот стои Иран.
Седум лица загинаа, а триесетина се повредени во терористичкиот напад што се случи попладнево околу 17.30 часот на паркинг пред аеродромот во бугарскиот град Бургас. Израел тврди дека зад нападот стои Иран, пренесуваат светските агенции.
Според извештаите од бугарските медиуми, целта на нападот биле 150 израелски туристи, кои на половина час пред експлозијата долетале од Тел Авив и влегле во три автобуса со кои требало да заминат на црноморското крајбрежје.
Според првичните сознанија од очевидци во еден од автобусите влегол бомбаш кој активирал експлозив. Еден од автобусите е речиси целосно уништен. Очевидци опишуваат страшни сцени во мигот на експлозијата. Според нивни кажувања, жена, целата во пламен излегла од автобусот, се влечела неколку метри по асфалтот по што починала.
Новинарската екипа на „24 Часа“ известува и за распарчени човечки тела, расфрлани низ паркингот пред аеродромот.
Бугарските специјални сили ја пребаруваат аеродромската зграда во потрага по евентуален подметнат експлозив. Најавено е доаѓање и на спасувачи од Израел.
Одговорноста за нападот се уште никој не ја презел. Сепак, изралески медиуми веќе посочија прст кон Иран. Неодамна изралеските власти ја предупредиле Бугарија да ги подигне мерките на готовност, поради можност за терористички напади врз туристи од Израел.
Повредените лица се пренесени во болницата во Бургас. Четворица од ранетите се во критична состојба. Меѓу повредените има и две бремени жени.
По експлозијата аеродромот во Бургас е затворен за сообраќај, а сите летови се пренасочени кон Варна.
Министерството за внатрешни работи на Бугарија потврди дека експлозијата е „терористички напад“, пренесува бугарскиот портал Новините.
На истата тема: Нетанјаху го обвини Иран за експлозијата во Бугарија
|