20.07.2012, 17:19 Богатство од 38 милиони долари „исплива“ од морското дно
По 62 години минати на морското дно 38 милиони долари вредното богатство беше пронајдено во близина на ирскиот брег
Богатство, вредно 38 милиони долари, по 62 години минати на морското дно, е пронајдено во потонат британски брод во близина на ирскиот брег, од страна на една американска компанија за длабокоморски истражувања, пренесува лондонски „Телеграф“.
Бродот „SS Gairsoppa“ бил 125-метарски парен брод. На враќање од Индија за Велика Британија во текот на Втората светска војна бродот бил торпедиран и потопен од германска подморница.
Во бродот имало 48 тони сребро во шипки кога во 1941 година бил потопен од германската подморница на 500 километри од ирскиот брег.
„Телеграф“ наведува дека бродот се наоѓал на длабочина од 4.700 метри.
Компанијата „Odyssey Marine Exploration Inc.“ соопшти дека ова претставува најголемото извлекување на драгоцени метали од морската длабочина во светот.
Работниците досега успеале да извлечат 1.200 сребрени шипки.
Според лондонскиот весник, американската компанија има договор со британската влада и ќе може да задржи 80 отсто од спасеното богатство. |