19.07.2012, 22:48 Бомбашот од Бургас е поранешен притвореник од Гвантанамо?
Мехди Гезали (33), шведски државјанин со алжирско потекло најверојатно е бомбашот-самоубиец од вчерашниот терористички напад во Бургас, јавуваат бугарските и израелските медиуми
Тие јавија дека шведскиот државјанин е поранешен притвореник од Гвантанамо.
Гезали, според овие информации, бил притворен во злогласниот затвор во американската воена база на Куба откако бил уапсен во Пакистан каде што се обидувал да стапи во врска со бунтовничките групи.
Засега овие информации немаат официјална потврда.
Претходно денеска, американската телевизиска мрежа ABC, емитуваше фотографија од фалсификувана возачка дозвола од сојузната држава Мичиген којашто му припаѓала на осомничениот за нападот, која гласи на име Жак Фелипе Мартин.
Израелскиот премиер Бенјамин Нејтанјаху ја повтори изјавата дека нападот во Бургас е извршен од шиитското либанско движење Хезболах, нарекувајќи го „долгата рака на Иран”.
Хезболах на тоа одговори дека „се смешни таквите обвинувања, бидејќи не војува против туристи”. И Иран ги отфрли израелските обвинувања и ги нарече „неосновани”.
Од друга страна, официјални претставници на бугарските власти во четвртокот изјавија дека претставува „грешка" во оваа фаза од истрагата за терористички напад да се обвини која и да е конкретна земја или организација.
„Ние уште сме на самиот почеток од истрагата и сметам дека е погрешно на брзина да се донесуваат заклучоци", рече претставник на бугарската влада, додавајќи дека Бугарија има „одлична соработка со израелските безбедносни сили по прашања кои се однесуваат на истрагата".
|