17.07.2012, 12:31 (ФОТО) Неготинец ја убил мајка си и ја фрлил во контејнер
Настанот се случил во утрово во 3:40 часот кога вработени во комунална хигиена го забележиле Димитар С. (23 години) како фрла во контејнер женско тело облеано во крв
Ангел Данов
Неготино е во шок. 23 годишниот Димитар С. денеска изутрина си ја уби својата мајка, 57 годишната Нада. Убиството е извршено во станот каде живееле на улицата „Маршал Тито“ во центарот на Неготино. Истражните органи работат на утврдување на причините и начинот на извршување на овој грозоморен чин.
Од полицијата го потврдуваат настанот, но не сакаа да дадат детали. Детали за хоророт не сакаше да даде ниту истражниот судија Бојанчо Донев од велешкиот суд, кој не дозволуваше новинарските екипи да си ја завршат својата должност и по завршувањето на увидот. Од полицијата единствено кажаа дека денеска во утринските часови околу 3.40 часот вработени во ЈП Комуналец го виделе Димитар кога сакал да се ослободи од телото на неговата мајка кое било облеано во крв и го фрла во контејнер позади зградата каде што живееле. Веднаш била алармирана полицијата во Неготино, Димитар е приведен и го признал убиството на својата мајка. Полицијата утринава го обезбедуваше местото. Неофицијално дознавме дека Нада имала десетина убоди од нож на вратот, стомакот и градите. Крв можеше да се види по скалите.
Она што може да се слушне од соседите и пријателите на Димитар и Нада, тие важеле за мирни луѓе. Пред некоја година починал сопругот на Нада кој бил познат стоматолог. Таа работела како хигиеничарка во Здравствен дом Неготино, а Димитар бил трета година на Факлутетот за физичка култура во Скопје и познат кик боксер за што имал и многу награди. Тој вечерта пред убиството се сретнал со другарите во чаршија. Наводно се поздравил со нив и им кажал дека ќе замине за Холандија каде сакал да живее. Соседите многу не сакаа да коментираат, но рекоа дека помеѓу мајката и синот имало мали несогласувања.
|