16.07.2012, 19:59 Стартува најголемата гринфилд-инвестиција во Кавадарци
Германската „Лиза Дрекслмајер гмбх“ ќе инвестира над 30 милиони евра и најавува најмалку 4.000 нови работни места
Маја Томиќ
Германската компанија „Лиза Дрекслмајер гмбх“ е подготвена за старт на досега најголемата гринфилд-инвестиција во земјава. Во индустриската зона во Кавадарци, од вкупно закупената површина од 120.000 квадратни метри, на 52.000 ќе биде лоцирана фабриката за производство на кабелска инсталација наменета за автомобилската индустрија. Вредноста на овој инвестициски проект изнесува над 30 милиони евра. Според деловниот план, „Дрекслмајер“ во првите пет години ќе се инвестираат повеќе од 17 милиони евра, а ќе се вработат вкупно околу 4.000 лица. Производството треба да почне во првиот квартал идната година, а многу скоро ќе се стави камен- темелникот на новиот објект.
За таа цел, претставникот на „Лиза Дрекслмајер“, Карл Валнер, и министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, вчера во Владата потпишаа договор за реализација на гринфилд-инвестицијата, во присуство на премиерот Никола Груевски и вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски.
„Тешко е да се дојде до една ваква инвестиција, но среќата го следи упорниот и спремниот. Секој нов проект носи нови лекции, нови предизвици и шанса за нова иднина. Преговорите за влез на оваа компанија во Македонија траат уште од 2007 година. Тоа беше долг период во кој имаше многу контакти, разговори и анализи, роуд шоуа и по сите напори, секако, со голема поддршка на институциите и на Владата, се дојде до овој резултат“, изјави министерот Самак.
„Лиза Дрекслмајер“ ќе произведува за потребите на многу реномирани компании, меѓу кои и германскиот „Дајмлер груп“ во чии рамки е групацијата „Мерцедес“, како и за БМВ и „Ауди“. Според вицепремиерот Пешевски, придобивките од оваа инвестиција се огромни. Освен вработувањата на околу 4.000 лица од тиквешкиот регион и уште толку индиректно, се очекува „Дрекслмајер“ да остварува годишен извоз во вредност од 130 милиони евра, со што ќе се подобри трговскиот биланс на земјава.
„Македонија станува новиот играч на пазарот на инвестиции во регионот. Со оваа инвестиција ќе се отворат најголем број на работни места во поновата историја на Македонија. Ова е одговорот на прашањето што прави Владата во ситуација на криза и невработеност. Додека во цела Европа владее економска криза и се затвораат фабрики, ние носиме нови инвестиции и на тој начин се справуваме со сите ризици на кризата“, посочи Пешевски.
Како што посочи претставникот на „Лиза Дрекслмајер гмбх“, Карл Валнер, инвестицијата на оваа компанија за Македонија ќе значи голема економска преродба. Инаку, оваа фирма веќе има свои фабрики во САД, Молдавија, Кина и Србија.
„Со брз чекор почнуваме едно долго патување. Сите честитки до Владата за упорноста и напорите да се донесе оваа инвестиција која ќе претставува нова иднина и перспектива на граѓаните од многу места и градови од Тиквешијата и пошироко. Се надевам дека ќе работиме со мотивирани и добри соработници“, рече Валнер.
|