16.07.2012, 19:56 Апетитите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ засега се кријат
Според директорот на Центарот за комуникации, Илија Димовски, има време до 1 септември
Пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде што сите оние што сакаат да се пријават на отворениот партиски конкурс за градоначалници треба да подигнат апликација, а потоа да ја достават најдоцна до 1 септември, нема гужва. Но директорот на Центарот за комуникации Илија Димовски вели дека тоа не значи дека нема заинтересирани.
„Целта е да мобилизираме поширок круг квалитетни луѓе. ВМРО-ДПМНЕ прв пат во државава овозможува низ максимално транспарентна процедура и преку активно учество на граѓаните да се изберат најсоодветните кандидати за градоначалници. Има кандидати кои не се членови на партијата, но во моментов не би сакал да откривам имиња на личности. Сите кандидати имаат подеднакви шанси да бидат избрани, зависно од личните квалитети, успесите во минатото и визијата за иднината. Но, има време до септември“, вели Димовски. Тој нагласува дека се' уште не е формирана Специјалната комисија која треба да изврши разговор со сите кандидати.
Како што е познато, на крајот од минатиот месец ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за објавување конкурс за градоначалници за локалните избори 2013 година. Кандидат за градоначалник може да биде секој граѓанин, кој ги исполнува условите за кандидирање пропишани со Уставот, да е член на ВМРО-ДПМНЕ, или граѓанин кој не е партиска личност, но се согласува и ги поддржува политиките, заложбите и програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
За поднесување на кандидатурата не се потребни потписи, туку детална програма за работа на општината за која се поднесува кандидатурата. Димовски вели дека на конкурсот треба да се пријават и актуелните градоначалници од партијата, се разбира доколку сакаат нов мандат.
Од нив прв повлече нога Марјан Ѓорчев. Тој најави дека ќе се пријави на конкурсот со надеж дека ќе добие уште една шанса во општина Кисела Вода. „Ќе доставам програма со проекти кои сметам дека треба да се реализираат во општината“, рече Ѓорчев. По него својата кандидатура ја потврди и градоначалникот на Штип, Зоран Алексов.
Градоначалниците на скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров, Ивица Коневски и Сокол Митровски, сметаат дека се' уште е рано да се размислува на оваа тема.
Коневски вели дека толку е ангажиран на тековните проекти, што воопшто не му паѓа на ум да мисли за локалните избори што ќе се одржат в година.
„Премногу е рано за конечни одлуки, иако дел од јавноста има поинакво мислење. Имам поголеми обврски отколку да размислувам на таа тема. Во моментов реализираме десетина проекти во Аеродром и чесно е да се посветам на нив отколку уште отсега да бистрам политика. Јас се' уште го трошам првиот мандат и сакам пред се' да ги исполнам ветените проекти пред граѓаните, а потоа да размислувам за други работи“, коментира Коневски, кој не открива има ли, воопшто, лична желба повторно да се обиде да го освои мнозинството гласови на аеродромци.
И Сокол Митровски тврди дека се' уште не размислувал за нов мандат. Во случајов, тоа би значело пензионираниот генерал да си ја проба третата среќа за градоначалник на Ѓорче Петров. Вели, рано е да размислува на таа тема, не само што според него локалните избори се прилично далеку, туку и периодов бил посветен на реконструкција на инфраструктурата во општината.
„Во ек е градежната сезона и таа ми е во прв план. Раскопани ми се четириесетина улици и секојдневно сум окупиран со тоа. За изборите немам време да размислувам, ниту се блиску, па да одлучувам отсега дали повторно ќе се кандидирам“, коментира Митровски, кој додава дека евентуалната кандидатура, сепак, нема да биде само негова одлука, туку и избор на партијата ВМРО-ДПМНЕ. (Н.К-Дс.Т) |