11.04.2012, 17:02 Декриминализација за замајување на јавноста
Социјалдемократите тврдат дека власта ја користи декриминализацијата на клеветата како превез за да истурка решение со кое ќе ги засили инструментите за дополнителен притисок врз медиумите. Казните од по 10 илјади евра за новинарите, 40 илјади евра за уредниците и 80 илјади евра за сопствениците на медиуми претставуваат инструменти за притисок и директна причина за воведување автоцензура, велат од СДСМ.
„Сметаме дека власта со процесот на декриминализацијата на клеветата ја замајува и домашната и меѓународната јавност дека води суштински дијалог со новинарите“, изјави Јани Макрадули од СДСМ.
За целосно унапредување на состојбите во медиумската сфера, од СДСМ предлагаат целосно и ревносно почитување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, намалување на предложените казни за новинарите и уредниците со воведување реципрочни казни за оние што ќе го прекршат Закнот за слободен пристап до информациите, како и утврдување прецизен и објективен систем за распределба на буџетските средства за кампањи во медиумите. (П.Р.) |