16.04.2012, 15:42 Мислења
Ново македонско чудо
Слободан Најдовски
Ребаланс на буџетот во така краток период е можен и неопходен во исклучителни случаи кога, не дај боже, настанале непредвидливи катастрофи, елементарни непогоди, воени конфликти...
Минатата недела при средба со еден познат битолски новинар, ме праша дали знам за новото чудо во Македонија. Му одговорив потврдно и дека следам што пренесуваат медиумите за случувањата во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје. Не за тоа, ме прекина новинарот, има ново чудо. Додека го гледав зачудено, ми вели, најновото чудо е што утрово кога се разбудиле владините министри го виделе државниот буџет полн со пари. По краткотрајното смеење, станавме сериозни и двајцата констатиравме дека веќе станува вистинско чудо буџетот да се реализира според зацртаната големина и планираната динамика.
Навистина станува чудно и необично само по три месеци од тековната фискална година да се работи на ново дизајнирање на државната каса. Нормално би било ребалансирање на буџетот кога би поминало, барем, половина период од тековната фискална година. Речиси не се памети во поновата демократска историја на државата, по само три месеци од донесувањето на буџетот, да се врши негово рекомпонирање. Најсликовито тоа го претстави новинарката на овој весник, госпоѓата Нинеска-Фидановска, со насловот ,,Буџетот не прооди, а се сопна“. Можеби му попречија несменетите „памперс“ пелени.
Ребаланс на буџетот во така краток период е можен и неопходен во исклучителни случаеви. Тоа може да се случи кога, не дај боже, настанале непредвидливи катастрофи, елементарни непогоди, воени конфликти или слично. Ребаланс на буџетот на почеток на тековната година е можно и во случаи кога доаѓа до промена на политичката структура дали како резултат на нови избори или, пак, на нова влада. Таков е случајот во Словенија. Новата словенечка влада предлага ребаланс на државната каса, покрај другото, и затоа што буџетот е изгласан од претходната влада предводена од премиерот Борут Пахор. Слично е и во Хрватска, каде што новата влада на премиерот Милановиќ предложи, а хрватскиот Собор изгласа, одлука за привремено финансирање со цел во меѓувреме да се извршат измени на буџетот кој го спремаше парламентарното мнозинство на ХДЗ.
Кај нас состојбата не е таква. Ниту имаше избори ниту има рекомпонирање на Владата, а сепак ребаланс на буџетот ќе има. Причината за нашиот ребаланс е јасна. Таа е резултат на погрешната, но намерна, проекција на основните параметри кои се користеа при изработката на буџетот. Залудни беа укажувањата на експерти, новинари и на опозицијата при донесувањето на буџетот.
Желбата за трошење на државната управа над реалните можности на економијата доведе до постојано зголемување на учеството на буџетот во однос на бруто домашниот производ. Тоа станува неиздржливо за реалниот сектор во Македонија и претставува камен околу вратот кој влече надолу. Како тоа изгледа споредено помеѓу буџетите во Македонија и Словенија, која исто сега расправа за ребаланс на буџетот? Нашиот буџет годинава е планиран на ниво од над 35 проценти во однос на БДП. Наспроти тоа во Словенија, чиј БДП е над триесет и пет милијарди евра, има големина на буџетот на ниво од околу дваесет и пет проценти во однос на националниот доход.
Во Словенија се води битката за намалување на буџетот во делот на расходите на државната управа а не во инвестициите. Словенските топ дваесет менаџери побараа од владата кратење во државната администрација кога веќе се кратат платите на вработените во стопанството како резултат на еконоската криза. Први на удар за намалување на трошоците се кабинетите на премиерот и претседателот на државата потоа и останатите буџетари. Мислат во нашата влада дека е лесно и едноставно решавањето на чекор на словенечката влада за намалување на расходите за плати на администрацијата и другите приматели на плати од државната каса. Уште на самиот почеток, словенечката влада, најави дека до крајот на јуни не чепка во платите но потоа ќе биде принудена да ја намали вкупната маса за плати доколку не сака последиците во иднина да бидат поголеми. Тоа и го прават сега. Разговараат во владата но, водат преговори и со синдикатите за сериозноста на проблемот на државните финансии. Се најавуваат штрајкови но решение мора да се бара. Буџетот на нивното министерство за образование, култура, наука и спорт се крати за над двеста и шеесет милиони евра. Сигурно и тие би сакале да градат нови институции од културата, бидејќи за споменоманија не ни помислуваат, но тоа го одложуваат за подобри времиња.
Така прават Словенците.А, кај нас се крати таму каде што не треба и се задолжува за непотребни и нерационални проекти. Сега излезе на површина дека задолжувањето за 130 милиони евра, кое се случи на крајот на минатата година, нема никаква врска со задолжување за нови инвестиции. Пропаднаа во вода ветувањата дека новиот заем ќе придонесе за раст на капиталните расходи за скоро триесет проценти како што беше најавено при донесувањето на буџетот. Излезе на виделина дека тоа задолжување е исклучиво за подршка на буџетот кој е нерационален и има структура која е неодржлива на подолг рок.
Со оглед на околностите во кои е доведена државата, нема многу филозофија ниту пак простор за дизајнирање на приходната страна на буџетот во Македонија. До крајни граници е намален просторот за реализирање на планираните приходи од постојните извори. Не постојат реални шанси за изнајдување на нови можности за полнење на државната благајна, се разбира освен нови задолжувања. Друга можност, крајно негативна, е зголемување на дефицитот. Македонското стопанство неможе повеќе да издржи. Уште помалку можат граѓаните да издржат нови даночни намети Настојувањето за дисциплина на даночните обврзници треба да се подржи но неизбежна е и дисциплина во наменско користење на државните пари.Притисоците со постојани инспекциски контроли нема да дадат некој посебен резултат кој би се одразил во правец на забележително зголемување на даночните приходи за да се покријат планираните расходи.
Затоа единствената можност е на страната на расходите и нивно кроење во функција на помош за стопанството а, за тоа треба решителност и занемарување на рејтингот на партиите на власт. Тоа бара на партиските војници да им се предочи дека се затвораат вратите на вработување во органите на државата. Уште повеќе треба тоа да го сфатат и вработените од порано, кои молчеа и ја поддржуваа политиката која нивните канцеларии ги полнеше со по неколку нововработени. Треба да се преиспитаат сите субвенционирања на приватни субјекти кои не придонесуваат за развојот на домашната економија или поточно речено да се преиспита финансиската помош на субјекти каде зијанот е поголем од ќарот.
Ребалансот на буџетот би имал смисла доколку не се чепка во капиталните трансфери. Новата структура на буџетот би била за подршка доколку се реализираат сите капитални објекти наведени при донесувањето на буџетот, се разбира без таканаречените капитални инвестиции во ,,културни зданија”. Кратењето на договорните услуги, на нови вработувања во државната администрација, одложувањето на набавката на нови возила, опрема и мебел се местата каде што постои простор за прераспределба.
Само доколку се започне со вистинско преструктуирање на расходите може да стане збор за сериозен пристап во кроењето на буџетот, се друго е претурање од шупливо во празно и проширување на болното ткиво.
(Авторот е поранешен пратеник)
Наш став Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |