17.04.2012, 14:09 Опозицијата му објави бојкот на Вељаноски
Опозициските пратенички групи ќе ги бојкотираат координациите со претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски, поради тоа што не ги ставил на дневен ред законските предлози што ги подготвија опозиционерите. Координаторот на СДСМ, Игор Ивановски, објави денеска дека пратеничките групи од опозицискиот фронт, во кои припаѓаат и НСДП, ПЕИ, НСДП... го замрзнуваат учеството во координациите кај Вељаноски.
Во изминатите неколку месеци, по конституирањето на овој пратенички состав, доживејаа фијаско повеќе законски решенија предложени од опозицијата, бидејќи пратениците од мнозинството гласаа против нив. Од СДСМ велат дека Вељаноски сега отишол чекор понатаму, така што најновите опозициски предлози не ги ставил ниту во агендата за наредната седница.
Станува збор за предлог-амандманот за измена на Уставот со кој би се оневозможило застарување на кривични дела поврзани со приватизацијата, за иницијативата за нова државна награда „Киро Глигоров“ и за идејата за воведување полициски омбудсман. Во овој пакет се и предлозите за измени на закони, со цел социјалните случаи да добиваат дополнителни две илјади денари за купување прехранбени производи од македонско потекло, владините институции да имаат обврска да го објавуваат износот и структурата на јавниот долг и да мора да го платат долгот на фирмите во рок од 90 дена.
Парламентарната опозиција ја напушти вчерашната координација кај Вељаноски, бидејќи овие предлози не биле ставени на дневен ред, за разлика од новиот предлог-закон за лустрација, што го предлагаат владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кој е во агендата на седницата закажана за 25 април.
„Мотивиран од тесно - партиските интереси на ВМРО ДПМНЕ, Вељаноски, спротивно од парламентарната пракса, новопредложените закони на опозицијата одби да ги стави на дневен ред на новозакажаната седница.
Дополнително, закажа седница со закони што до тогаш Владата ги немаше доставено ниту до архивата на Собранието“, рече Ивановски. Тој најави дека опозицијата за ваквите случувања ќе ја информира и меѓународната јавност и сите пријатели и донатори на македонското Собрание.
Вељаноски, пак, оценува дека парламентарната опозиција, користејќи ја чувствителноста на моментот, побрзала да го бојкотира политичкиот дијалог во Собранието. Тој вели дека, во изминатите шест месеци, повеќе од 20 закони што ги предложила опозицијата биле ставени и разгледувани на собраниска седница. Новите закони што ги предлага опозицијата Вељаноски планирал да ги стави на првата наредна седница што ќе ја закаже и за тоа, како што тврди, ги известил опозиционерите.
„Изразувам жалење што, наместо заедно да покажеме државнички однос кон чувствителноста на моментот низ кој сите минуваме, се појавува обид Собранието непотребно да го претвориме во арена на непринципиелни пресметки и постојани бојкоти“, се наведува во изјавата на првиот парламентарец. (А.М.М.)
|