16.08.2012, 13:30 Зголемен бројот на превезени патници на аеродромите
На двата аеродрома во Македонија во изминатите два месеца се превезени поголем број на патници за 6,1 процент во однос на истиот период минатата година.
Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека во јуни и јули на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се превезени вкупно 200.516 патници, додека во истиот период лани биле превезени 189.019 патници.
Најзабележителен е порастот на бројот на патници на охридскиот аеродром, каде што во текот на јуни и јули се регистрирани 28.658 патници, што е за 16,5 отсто повеќе од вкупно регистрираните 24.596 патници минатата година.
На скопскиот аеродром во овие два месеца се превезени 171.858 патници што во споредба со истиот месец минатата година, кога биле регистрирани 164.423 патници, претставува зголемување за 4,5 проценти.
|