16.08.2012, 11:48 Лустриран поранешен општински советник во Куманово
Комисијата за лустрација прогласи уште еден бивш функционер за соработник на службите за безбедност. Лустриран е велешанецот Бранко Цветков, поранешен општински советник во Куманово, кој бил соработник на СДБ во социјалистичкиот систем.
Според Комисијата за верифицирање на фактите, која и ова решение го објави на нивната веб-страница, Цветков наводно соработувал со службите под псевдонимот "Велешки студент" со број 13183, како информатор за емиграцијата во Западна Германија. Како што пишува во документот, тој бил ангажиран на "пријателска основа", добро го познавал германскиот јазик, а на службите им давал опширни и интересни информации.
Неговото досие е формирано во 1964 година кога бил четврта година на Факултетот за шумарство во Скопје. Главно ги информирал службите за активностите на велешките студенти во Скопје, како и за контактите што ги имале со странски туристи при патувањата со воз кон скопските факултети. Според службената белешка, за неговата соработката му биле исплатени 5.000 динари.
На веб-страницата на Комисијата за лустрација досега се објавени имињата на вкупно 26 лица за кои се утврдило дека се соработници со службите.
|