16.08.2012, 10:00 Пожарот кај „Јасен“ се шири кон Скопско
Се` уште активни се пожарите во Националниот парк „Јасен“ и во околината на селата Радуша, Бањица, Стрима и Грачани и Туденце, информира Центарот за управување со кризи.
Пожарот кај Македонски Брод меѓу селата Брезница и Тажево, кој се прошири и на дел од Националниот парк „Јасен“, зафати 50 хектари борова и мешана шума. Пожарот е префрлен и на скопска територија каде што интервенирале пожарникари и вработени од националниот парк „Јасен“.
Активен е и пожарот во атарот на селото Радуша каде е зафатена мешана шума во повисоките делови. Гасењето е отежнато поради непристапниот терен, а во текот на ноќта на терен е останата екипа пожарникари.
Пожарот во реонот на селото Бањица е активен и проширен кон селата Бањица, Лисиче, Дреново, Брана Лисиче и Бреза. Зафатени се околу 200 хектари и гори сува трева и габер, нискостеблеста дабова шума (стара сеча од 1997 година), како и висококвалитетна шума. Интервенираат вработени од Шумското стопанство „Бабуна“, но поради непристапноста на теренот гаснењето е отежнато. Побарано е да се дејствува од воздух.
Поради непристапен терен отежнато е и гаснењето на пожарот кај селото Стрима, кој е проширен во правец на селото Ранковце. Зафатена е мешана шума (брест, даб и бука) на површина од повеќе од 250 хектари. Од страна на локалната самоуправа Липково побарана е интервенција од воздух.
Активен е и пожарот во реонот на селото Грачани кој е проширен на непристапен терен, додека пожарот кај селото Туденце во општина Јегуновце е делумно локализиран со помош на месното население, но е со помал обем на високо непристапен терен во делот кон селото Сиричино. На негово локализирање, како што информираат од Центарот за управување со кризи, ќе се интервенира во текот на денешниот ден. |