16.08.2012, 13:01 Франција ги дистанцира Ромите
За вработување на бугарски или романски Ром работодавците ќе мора да платат такса од 713 евра
Париз - Француската влада предвидува меѓуминистерски состанок посветен на проблемот со Ромите, при што ќе бидат разгледани повеќе мерки, меѓу кои и воведување ограничувања за пристап на пазарот на трудот, кои се во сила за бугарските и романските граѓани.
Романските и бугарските државјани, кои се најмногубројни во илегалните ромски кампови, евакуирани последниве денови во Франција од страна на полицијата, се изложени на „преодните мерки“ со кои нивниот пристап до работните места е многу потежок во осум земји-членки на Европската Унија, меѓу кои и Франција.
Според одредбите на овие мерки, работодавецот мора, ако сака да вработи еден романски или бугарски државјанин за повеќе од една година, да плати една такса од 713 евра на Француското биро за имиграција и интерграција за да одбере едно работно место од листата на која има 150 прецизно утврдени професии, по што треба да добие и одобрување од префектурата.
Ова е една од мерките кои треба да бидат разгледувани на меѓуминистерскиот состанок идната недела, најави министерот за внатрешни работи Мануел Валс. Но, според него, „вистинското решение за Ромите се наоѓа во нивните родни земји, кои се членки на Европската Унија и кои бараат да влезат во Шенген зоната“.
Тој оцени дека овие земји, мислеќи тука на Бугарија и Романија, „треба фундаментално да ги променат политиките кои ја дискриминираат оваа популација со децении.“
Францускиот министер за внатрешни работи во интервју за француското радио Франс Интер појасни дека ако има потреба од демонтирање на ромските кампови, тоа ќе биде направено со барање на решение за нивно вклучување во општеството преку пронаоѓање на работа и станови.
Валс понатаму побара повеќе време за да бидат прогресивно спроведени на дело овие мерки, подвлекувајќи дека годишно интеграцијата на секое лице чини меѓу 4.600 и 6.300 евра, што се големи трошоци за државата и ЕУ.
|