16.08.2012, 14:19 Ѓорѓиев: Денарот е и ќе продолжи да биде стабилен
 
  
  Не постои опасност од загрозување на курсот на денарот, тој е стабилен. Граѓаните треба да бидат спокојни.
  Тоа го изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, одговарајќи на новинарско прашање за влијанието на европската должничка криза во регионот на Југоисточна Европа и курсот на валутите на балканските земји. 
  - Сакаме да потврдиме и да увериме дека курсот на македонската национална валута е стабилен и оти политиките на монетарната и фискалната валст ги даваат своите резултати. Не постои опасност од загрозување на курсот на денарот, а доказ за тоа е и растењето на штедењето во денарски депозити. 
  Според него, за стабилноста на македонската валута говори и податокот што од почетокот на годината Србија за бранење на курсот на својата валута динар има ангажирано милијарда и двесат милиони динари, а Хрватска 780 милиони долари за бранење на куната. 
  - Република Македонија нема ангажирано пари за бранење на курсот на денарот затоа што тој е стабилен. Тоа докажува дека водиме добра фискална и монетарна политика, а се интервенира и на начин што обезбедува дополнително засилување на курсот на денарот, без притоа да се ангажират дел од девизните резерви. Курсот на денарот е стабилен и ќе продолжи така, а граѓаните треба да бидат спокојни, изјави Ѓорѓиев.
 
 
  |