11.07.2012, 15:57 Со нож нападнат лидерот на ВМРО - ДПМНЕ во Битола
Напаѓачот цела ноќ се криел од полицијата, по што е уапсен. Се шпекулира дека во заднината на инцидентот се кријат притисоци за вработувања
Битола - Со нож нападнат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Зоран Илиоски. Битолчанецот З.А., вработен во битолската болница, заѕвонил на вратата од семејниот стан на општинскиот координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и по вербална расправија се обидел да го нападне со нож. Настанот се случил во вторникот вечерта, по што напаѓачот цела ноќ се криел од полицијата.
Од СВР-Битола го потврдуваат случајот. Велат дека Илиоски успеал да се скрие од насилникот. Тој го пријавил случајот околу 21 часот во полицијата, откако само неколку минути пред тоа, пред неговиот стан се појавил З.А., кој работи како домар во Клиничката болница во Битола. „Напаѓачот првин почнал вербална расправија и во еден момент од појасот на панталоните извадил нож и замавнал кон Илиоски. Тој некако успеал да се оттргне и да ја затвори влезната врата од својот дом “, вели Ѓоко Стрезовски, портпарол на СВР-Битола.
Но, тоа не било се'. Напаѓачот продолжил да удира со ножот по влезната врата од станот и да упатува сериозни закани по животот на Илиоски и неговото семејство. По кратко време заминал. Потоа цела ноќ се криел од полицијата, која успеала да го најде дури следното утро. Против него се подготвува кривична пријава, а веќе седнал и пред истражен судија.
Илиоски вчера беше на пат, но потврди дека пред неговиот дом се случил инцидент. Тој смета дека настанот не треба да се поврзува со политика и со тоа што од неодамна е на чело на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во градот.
„Се случи немил настан и полицијата го испитува случајот. Ова го гледам како инд��видуален случај и не го поврзувам со политиката“, изјави Илиоски.
Во Битола, инцидентот пред вратата на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ беше главна тема во чаршијата.
Неофицијално се зборува дека напаѓачот барал вработување за својата ќерка во битолската болницата, каде што во тек е конкурс за вработување медицински персонал. Портпаролот на полиција вели дека истрагата ќе го даде одговорот за вистинскиот мотив за овој инцидент.
Илиоски е директор на ЈП „Водовод“ во Битола, па вработени во ова комунално претпријатие велат дека откако бил поставен за координатор на владејачката партија во градот од рано наутро граѓани и членови на партијата чекале пред управната зграда за да се сретнат со него и да побараат помош за вработување како и за некои свои лични проблеми.
Инцидентот го осуди локалната опозиција, но сепак смета дека тој е последица на лажните партиски ветувања. „За секоја последица, присутна е и причина. Ова не е ништо другo, туку резултат на многубројни лажни ветувања за партиски вработувања кои доведоа до пирова победа на ДПМНЕ“, изјави Васко Ковачевски претседател н�� ОО на СДСМ во Битола. (А.Б.) |