18.09.2012, 17:22 Мечки шетаат среде пелагониското поле
Ловците професионалци велат дека во последните години има голема раздвиженост на мечките во Битолскиот регион
Битола - Жителите на пелагониското село Добрушево се во паника откако низ нивите им прошетала мечка. Ова село се наоѓа среде пелагониското поле и мештаните не паметат дека досека имале блиски средби со ова диво животно.
„Утрото околу 6 часот како што беревме тутун, почна да лае кучето, кога погледнавме, мечка зад нас. Од лавежот на кучето мечката го смени правецот и замина покрај нас, кон селото Чарлија“, раскажува исплашено Атанас Митревски, жител на Добрушево.
Веста за мечката се расчу низ Пелагонија, па сега жителите се плашат да излезат по нивите и да им се вратат на обврските во полето. Мислат дека таа дошла во потрага по храна, оти во атарите на овие пелагониски села има голем број кошници со мед.
Исплашени жителите на Доброшево сериозно размислуваат да не излегуваат од дома без ловни пушки. Ловците професионалци, пак, велат дека во последните години има голема раздвиженост на мечките во Битолскиот регион, вклучувајќи ја и Пелагонија.
„Оваа година мечката почна да се движи во предели на Пелагонија каде што не можеше да се замисли дека ќе се појави. Мечката слезе и во Добрушево, бевме таму и ги видовме трагите. Се жалат мештаните од пределот на Баба Планина, бидејќи мечките се движат и во текот на денот. До ресорното министерство поднесовме барање да се преземат мерки за заштита на населението, но досега немаме одговор“, вели Ромео Саздовски од Ловното здружение „Сокол“од Битола. (А.Б.) |