18.09.2012, 17:07 „Чебрен“ и „Галиште“ пак паднаа во вода
Кинеската „Чајна вотер електрик“ и' постави на Владата неприфатливи услови, надвор од тендерот, а грчката „Паблик пауер корпорејшнн“ понуди малку пари
Маја Томиќ
Пропадна и шестиот тендер за избор на инвеститор кој ќе ги гради хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Владата во петокот ја прекина постапката за доделување концесија за производство на струја од хидроцентралите што требаше да се градат на Црна Река и за учество во јавно-приватно партнерство со АД ЕЛЕМ.
„Прекина постапката за проектот ХЕЦ ’Чебрен’ и ХЕЦ ’Галиште’ поради неприфатливост на доставените понуди“, соопштија вчера од Министерството за економија. И двете понуди на компаниите што останаа во трката за хидроцентралите, кинескиот конзорциум „Чајна вотер електрик“ (ЦВЕ) и грчката „Паблик пауер корпорејшн“ (ППЦ), не ги исполниле условите на тендерот. Имено, како што појаснуваат во Економија, понудата на кинескиот конзорциум не била во согласност со тендерските барања и содржела некои други услови кои не биле прифатливи за Владата. Меѓу нив се: гарантиран откуп на целата произведена електрична енергија според однапред договорена цена, ХЕЦ „Тиквеш“ да биде вклучена во заедничката компанија со датумот на ефективност на Договорот за концесија и гарантирана стапка на поврат на инвестиција (ИРР) од страна на Владата, во случај на лоша хидролошка состојба.
Понудата на грчката компанија, пак, била во согласност со тендерските услови, меѓутоа процентот акции од 28 отсто на АД ЕЛЕМ во идната заедничка компанија, бил премногу низок и оттаму и неприфатлив за Владата.
„Идната постапка за доделување концесија за струја од овие две хидроцентрали и учество во јавно приватно партнерство со АД ЕЛЕМ, според измената на Законот за водите, ќе биде спроведена од Министерството за животна средина и просторно планирање“, информираат од Економија.
На последниот, шести тендер за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“ за овој стратешки енергетски проект останаа во игра „Чајна вотер електрик“ и „Паблик пауер корпорејшн“, кои по принципот на јавно приватно партнерство понудија различни проценти на акции во ЕЛЕМ. Кинеската компанија понуди 40,5 отсто учество на ЕЛЕМ, а грчката 28 отсто. Инаку, вредноста на овие два хидроенергетски капацитети се проценува на најмалку половина милијарда евра.
На Владата никако да и' тргне со ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“. Откако на претходните пет јавни огласи не беше одбрана ниту една соодветна понуда, таа речиси беше сигурна дека последниов, шести тендер ќе заврши конечно со успех и ќе се најде инвеститор за овој голем и значаен проект. Во јули годинава беше пролонгиран тендерскиот рок за уште 60 дена. Владата побара од двете фирми што влегоа во потесниот избор, во тој период да се изјаснат и попрецизно да кажат што планираат со своите понуди. Тогаш министерот за економија Ваљон Сарачини рече дека во ниеден случај нема да се прифати понуда која не ги исполнува целосно условите и дека максимум ќе се штитат интересите на државата.
|