26.10.2012, 16:09 Опозицискиот Сојуз ги претстави кандидатите за градоначалници во Скопје
Опозицискиот Сојуз за иднината денеска ги претстави кандидатите за градоначалници за Скопје и за скопските општини на претстојните локални избори.
Актуелниот пратеник од СДСМ Јани Макрадули е изборот на Сојузот во трката за градоначалничка функција на главниот град. Лидерот на ЛДП Андреј Жерновски е кандидат за градоначалник на Општина Центар. За општина Аеродром опозицискиот блок ќе го кандидира Диме Велковски, за Бутел Коста Начевски, за општина Гази Баба Борче Стефановски од ВМРО – НП, а во Ѓорче Петров Александар Наумовски. Во Карпош, довербата повторно ќе ја бара досегашниот градоначалник на таа општина Стевче Јакимовски. Во Кисела Вода, пак, кандидат за градоначалник е избран Љупчо Васовски.
Макрадули на прес-конференција придружуван од другите кандидати изнесе оценки за состојбите во главниот град и вети активности со кои ќе се посветат на функционалните потреби на граѓаните.
Власта, обвини, го обезличила Скопје, го уништила неговиот дух и правела обиди за негово претворање во вмровски град. Еколошки, наведе, Скопје се претвори во најзагадениот град во Европа и можеби единствената метропола без гас како евтин и еколошки енергенс.
- Уште денес се обврзуваме, дека ќе ја напуштиме кич идеологијата на споменици и трупањето барок на секоја фасада или зграда, а ќе се посветиме на функционалните потреби на граѓаните. Тоа не значи дека ќе бидеме деструктивно настроени кон она што е веќе изградено, туку единствено значи дека ќе го ставиме граѓанинот на прво место, рече Макрадули.
Тој додаде оти кандидатите за градоначалници на Скопје и скопските општини од Сојузот за иднината ќе работат само во интерес на граѓаните на Скопје и околината.
Главните начела на програмите за работа на кандидатите Сојузот на иднинатата ќе ги промовира на најевениот митинг в недела во Скопје.
|