24.10.2012, 12:53 Попоски на средба со Вишеградската група
Шефот на македонската дипломатија во Варшава ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на Вишеградската група, Западниот Балкан, Бугарија, Грција и Романија
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на покана од министерот за надворешни работи на Полска Радослав Шикорски утре во Варшава ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на Вишеградската група, Западниот Балкан, Бугарија, Грција и Романија.
Вишеградската група - В4, која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, е традиционален поддржувач на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Тоа се потврдува и со одржувањето на редовни есенски состаноци на министрите за надворешни работи во формат В4 и Западен Балкан, на кои учествува и комесарот за проширување на Европската комисија, соопшти МНР.
Годинашниот состанок во Варшава се одржува под капата на Полското претседателство со Вишеградската група и е во проширен состав со земјите-членки на ЕУ од Југоисточна Европа – Бугарија, Грција и Романија. Централна тема на состанокот е евроинтеграцијата на земјите од Балканот, во контекст на штотуку објавената Стратегија на Европската комисија за проширувањето на ЕУ 2012-2013 и извештаите за напредокот на секоја од земјите од процесот на проширување.
Министерот Попоски, заедно со домаќинот Радослав Шикорски и еврокомесарот Штефан Филе, ќе учествува како главен дискутант на првиот панел на состанокот, насловен „Кои се главните препреки во процесот на интеграција?“. На панелот ќе се дискутира за условеноста на процесот на членство во ЕУ, за главните предизвици во иднина и улогата на регионалната соработка.
На маргините на состанокот, предвидено е министерот Попоски да има одделни билатерални средби со колегите од Полска, Чешка, Словачка и Унгарија.
Попоски во рамките на посетата на Варшава ќе одржи предавање пред Полската школа за јавна администрација на тема „Македонија и ЕУ: 7 години земја-кандидат, 7 причини повеќе за конечно да се донесе одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ“. |