25.10.2012, 14:52 Јубилејниот 100. Тур де Франс ќе почне на Корзика
Едновековната традиција беше вкусно сумирана на свеченост во Париз, но она што ги привлече сите присутни беше претставувањето на маршрутата за 2013 година
И покрај допинг-скандалите што го гризат кредибилитетот на велосипедизмот и ги нишаат столбовите на неговата иднина, организаторите на Тур де Франс најдоа енергија да го свртат вниманието на светот кон презентацијата на 100. трка околу Франција. Едновековната традиција беше вкусно сумирана на свеченост во Париз, но она што ги привлече сите присутни беше претставувањето на маршрутата за 2013 година. Како што се најавуваше, трката ќе почне на 29 јуни на Корзика и ќе се задржи таму во првите три етапи. Главна карактиеристика овој пат ќе биде планинскиот релјеф затоа што четири од етапите ќе имаат планинска завршница, а кон финишот на турата карванот ќе дојде до скијачкиот центар Алп дуез, во централните француски Алпи. Ова кристално јасно ја исфрла на површина фаворитската улога на специјалистите за искачување како Алберто Контадор и Крис Фрум. Од Тим Скај веќе потврдија дека Фрум ќе биде лидер на екипата, а овогодишниот победник, Бредли Вигинс, се изјасни дека наредната сезона сака да се фокусира на Џиро ди Италија отфрлајќи ги обвинувањата дека тој тешко ќе поднесе да биде втора виолина.
„Немам толкаво его. За мене секогаш било важно еднаш да го освојам ТдФ. Јас оваа година немаше да победам без помошта од колегите, така што би ми било драго ако следната година јас можам да придонесам некој да победи“, изјави Вигинс, кој триумфира благодарение на неговиот одличен настап во хронометар. Во 2013 година двата индивидуални хронометра ќе бидат долги вкупно 65 километри, многу помалку од 101,5 километри оваа година. Оттука јасно е зошто Контадор и Фрум нишанат на жолтата маичка. Таа, пак, прв ќе ја облече спринтер бидејќи првата етапа од Порто-Векио до Бастија (212км) е рамна. „Првпат по 1966 година еден спринтер ќе има шанса да ја облече жолтата маичка по првиот ден“, изјави директорот на трката, Кристијан Прудом.
По Корзика велосипедистите ќе го преминат Медитеранот и ќе продолжат во Ница, со првиот, тимски хронометар. Потоа следува посетата на Марсеј и на Монпеље на патот кон Пиринеите каде што на менито се две планински етапи. По денот за одмор ќе дојде и првиот поединечен хронометар, до Монт Сенет Мишел, пред велосипедистите да се соочат со височините на Алпите. Според зборовите на Прудом, таму ќе се одвојат мажите од момчињата. На 21 јули, од Версај до Шанз-Елизе, во ноќна завршница ќе биде поздравен стотиот победник на ТдФ.
|