24.10.2012, 15:48 „Фемили“ го минира Рајковиќ!
Македонскиот кошаркарски првак денеска преговараше со странец откако пропадна договорот со несудениот наследник на Тодоров под притисок на навивачите
Емил Рајковиќ во МЗТ Скопје - вистинска приказна со несреќен крај. Младиот кошаркарски тренер на Фени индустри, кој според многумина во моментов беше најсоодветното решение за преземање на кормилото на македонскиот шампион и за неговото понатамошно спокојно пловење по Јадранот, синоќа се најде пред вратите на „металците“, но тие неочекувано се затворија. Откако на интернет порталите излезе веста дека челниците на клубот од скопската населба Аеродр��м сериозно размислуваат за Рајковиќ, а самиот тој не излезе веднаш во јавноста со демант, по ова прашање се огласи навивачката група „Фемили“. Фановите на „сино-белите“, кои се меѓу најзаслужните за излезот на тим од кризата и за освојувањето на двата трофеја на домашната сцена во минатата сезона, ги прекинаа преговорите. Притисокот од страна на „Фемили“ бил толку голем што самиот чин на потпишување на договорот паднал во вода. По еден ден молк, Емил Рајковиќ се огласи дури во текот на денешниот ден, со образложение дека тој има постоечки договор со Фени индустри и засега нема планови да го менува тимот.
Неуспешниот обид со Рајковиќ, негативните одговори од Боби Митев и од Заре Маркоски и тенкиот тренерски кадар што го носи домашниот „пазар“ на кошаркарски стручњаци што би можеле да се справат со предизвикот наречен АБА Јадранска лига, ги натера челниците на МЗТ да се се свртат кон странство.
„Се' уште немаме официјално име. Она што е сигурно е дека новиот тренер ќе биде странец“, е кратката потврда од претседателот на МЗТ Скопје, Сашо Босилков, кој заедно со останатите челници денеска беа целосно затворени за јавноста.
Во ситуација кога „металците“ за само два дена ги очекува дуелот против Црвена звезда во рамките на шестото коло од АБА-лигата на рака им оди тоа што Владо Јовановиќ стана слободен агент. Станува збор за доста познато тренерско име, кое пред два дена се раздели со Доњецк, чиј член е македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски. Србинот во своето портфолио има искуство во АБА-лигата, во која минатата сезона ги водеше - „црвено-белите“!
Второто име со кое се шпекулираше вчера е Словенецот Алеш Пипан, во моментов тренер на Задар. На Евробаскетот минатата година беше селектор на Полска, а претходно ја водеше Словенија на ЕП 2005, на СП 2006 и на ЕП 2007 пред да си поднесе оставка по неуспехот во квалификациите за ОИ 2008. На клупски план покрај Задар, бил тренер и на Анвил, Влоцлавек, Марибор, Загорје, Крка и Геоплин Слова. (М.К.) |