25.10.2012, 13:51 Азаренка на мускули против Кербер
Тежок старт за првата носителка на ВТА-шампионатот во Истанбул
Ако е најголема фаворитка, не значи дека ривалките ќе и' се плашат или дека не можат да се качат на нивото на нејзиниот ултра тенис. Викторија Азаренка неколку пати се вадеше од бездна и дури по три часа и 10 минути успеа да ја совлада петтата тенисерка оваа година, Ангелика Кербер, на стартот од ВТА-шампионатот во Истанбул, со награден фонд од 4,9 милиони долари.
Германката поведе преку тај-брејкот во првиот сет, кој патем го доби со 13:11. Азаренка мораше да спаси две меч-топки за да го добие вториот сет, исто така, во тај-брејк, а потоа во третиот пресудна беше нејзината постојаност. Во десеттиот гем ја „скрши“ противничката и ја впиша својата прва победа во финалето од сезоната.
„Не е лесно кога на почетокот на еден турнир имате ваков меч. Таа играше одлично, беше многу тешко, добро што успеав да ги спасам тие меч-топки. Направив неколку глупави грешки, премногу неизнудени, но тоа е, на крај добро се заврши“, изјави Азаренка, која денеска игра против третата носителка Серена Вилијамс. Американката веќе е во полуфиналето, бидејќи вчера ја оствари втората победа на турнирот. Ја совлада осмата носителка На Ли со 7:6, 6:4 во натпревар во кој победи помалку лошата, а не подобрата тенисерка.
„Малку сум уморна, денеска сервисот не функционираше, доброто е тоа што знам дека можам подобро, сите го знаеме тоа“, изјави третата на светот во пресрет на судирот со Азаренка, кој ќе реши кој ќе биде прв, а кој втор во „црвената група“. „Викторија игра фантастично оваа сезона, ќе морам да играм подобро од овие две кола, сепак таа е прва во светот“, дополни Серена.
Пехарот во ВТА Чемпионшип останува небранет. Ланската освојувачка, Петра Квитова се повлече од натпреварувањето во Истанбул со објаснување дека е болна. Квитова се прикажа во бледо издание во првото коло и загуби од Агњешка Радвањска. Нејзина замена ќе биде деветтата на „рејс листата“, Австралијката Саманта Стосур. Откажувањето на Квитова оди и во функција на финалето од Фед Купот идната недела. Во Прага, Чешка ја пречекува Србија во обид да стане третата селекција по Италија и Русија што го освоила женското репрезентативно натпреварување две години по ред. По откажувањето во Истанбул, шестата тенисерка на светот потврди дека ќе ја предводи Чешка во финалето, а покрај неа ќе играат уште и Хлавачкова, Шафарова и Храдечка. Интересно е тоа што подоцна во ноември (14-17) и машката чешка репрезентација ќе се бори за репрезентативна круна, во Дејвис Купот. Единствен случај иста земја да ги понесе титулите и кај мажите и кај жените имаше во 1990 кога токму Чешка владееше на терените.
ШАРАПОВА ОДВАЈ СО РАДВАНСКА
Црвена група, прво коло: Азаренка (1., Белорусија) - Кербер (5., Германија) 6-7, 7-6, 6-4; С. Вилијамс (3., САД) - На Ли (Кина) 7-6, 6-4.
Бела група, прво коло: Шарапова (2., Русија) - Радванска (4., Полска) 5-7, 7-5, 7-5.
|