25.10.2012, 16:07 Поголеми субвенции за извоз на земјоделски производи
Ќе се зголемува финансиската поддршка за извоз на земјоделски производи и преработки, предвидува петгодишната Програма за земјоделство и рурален развој. Програмата која го опфаќа периодот од 2013 до 2017 година е тешка 725 милиони евра наменети за субвенции, од кои во 2013 година - 135 милиони евра, во 2014 - 140 милиони евра и од 2015 до 2017 година по 150 милиони евра.
Како новитет во Програмата се воведува и принципот на добри земјоделски и хигиенски пракси под кои се подразбира задолжително користење сертифициран семенски и саден материјал, правилна употреба на ѓубриња и обработка на земјиштето. Зголемена поддршка ќе има и за производите кои се извозно ориентирани и со зголемена додадена вредност, а во Програмата се предвидени и мерки за амортизирање на влијанијата од климатските промени.
Во следните пет години посебен акцент ќе биде ставен на поддршката на капиталните инвестиции во земјоделството преку зголемување на буџетот за рурален развој, кој ќе се движи над 30 милиони евра на годишно ниво.
Во програмата е зголемен и буџетот на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд во насока на поволни кредити за откуп на производство за преработка и извоз. Така, во 2013 година за оваа цел се планирани три милиони евра, во 2014 - четири милиони евра и од 2015 до 2017 година по пет милиони евра. (Ек.Р.)
|