26.10.2012, 14:41 (ФОТО) Николиќ: Спорот меѓу МПЦ и СПЦ не е нерешлив
Според српскиот претседател добрите односи на Македонија и Србија како држави, ќе придонесат црквите поинаку да размислуваат за својот спор
ФОТО: Петр Стојановски
Не гледам нерешлив спор меѓу Македонската и Српската православна црква, изјави српскиот претседател Томислав Николиќ по денешната средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во Скопје.
- Многу работи зависат од добрите односи на Македонија и Србија како држави и ако успееме да ги убедиме сите граѓани дека нашето пријателство е искрено тогаш и нашите цркви ќе почнат поинаку да размислуваат за својот спор, рече Николиќ.
Македонскиот претседател посочи дека како претседатели треба да помогнат да се воспостави дијалог и да почне комуникацијата меѓу свештените лица и црквите.
- Имаме добра волја да помогнеме во дијалогот, но ние не сме тие кои носат решенија за такви прашања според надлежноста што ни е дадена со Уставот на нашите држави и знаеме до каде можеме да одиме како државници. Црковните прашања бараат црковен одговор, рече Иванов.
Во врска со изјавата на владиката Бачки Иринеј, Николиќ рече дека владиката реагирал на коментарите во медиумите дека државата не треба да се меша во овој спор. Иринеј, како што рече Николиќ, не го оспори правото на двете држави да помогнат да се реши спорот меѓу црквите. - Јас сметам дека тоа беше знак дека црквите сами не можат да го решат ова прашање, или барем не во ова столетие, додаде српскиот претседател.
Николиќ прашан за неговиот став од времето кога ја предводеше опозицијата дека ако биде претседател Србија ќе го промени односот кон уставното име на Република Македонија, кажано во контекст на признавањето на Косово, децидно одговори дека Србија не размислува за промена на ставот кон името на Република Македонија.
- Јас не сум во опозиција, денес сум претседател на држава. И за многу работи мора да размислувам така како што тоа ќе се одрази на судбината на државата и на народот. Тоа беше емотивно реагирање кога Македонија ја призна независноста на Косово и Метохија. Но, тогаш кога Србија го откажа гостопримството на амбасадорот на Македонија во Белград реков дека тоа е срамота. Реков, еве ја пронајдовме помалата држава од себе за да ја казнуваме, рече Николиќ.
На новинарско прашање за спорот меѓу Грција и Македонија, Николиќ одговори дека и двете земји и се пријатели на Србија и оти како што е загрижен за својата држава да стане членка на ЕУ, така е загрижен и за Македонија.
- Ја гледам гордоста на Македонија која инсистира на името, но и гордоста на Грција која исто така инсистира за името и сметам дека треба да се разговара затоа што без разговор ништо не може да се реши, рече Николиќ.
Македонскиот претседател во врска со евроинтеграциите посочи дека и Македонија и Србија имаат препреки на тој пат, но дека сите проблеми кои постојат можат да се решат со дијалог, бидејќи само така се доаѓа до решение.
- Од интерес на Македонија е да има интензивни разговори со јужниот сосед кој претставува препрека за нас на патот кон ЕУ. Се надевам дека ќе се најде решение ако се има желба за тоа, истакна Иванов.
Николиќ посочи дека Србија и Македонија имаат испреплетено минато, заедничка иднина и заедничка цел - членство во ЕУ, на кој пат имаат проблеми, но прават се да ги остварат потребните стандарди.
- Меѓу нас има прашања, но тие не се нерешливи, истакна Николиќ и додаде дека ако се следи тоа што го посакуваат граѓаните на Македонија и Србија, т��гаш двете земји ќе ги имаат најцврстите врски.
Билатералната средба на двајцата претседатели се одвивала во духот на добрососедските односи. Иванов и Николиќ разговарале и за процесите на двете земји за европските интеграции, а било заедничко констатирано дека економската соработка меѓу Србија и Македонија се одвива во добар правец, но дека е потребно интензивирање на трговската размена.
Николиќ му се заблагодари на Иванов и на македонското државно раководство за можноста делегација на Србија да ја одбележи 100-годишнината од почетокот на Балканските војни. - Овде сум и за да присуствувам на одбележувањето на 100-годишнината од Балканските војни. Србија сите големи битки на Балканот ги водела на територијата на Македонија, рече Николиќ.
Ова е прва официјална посета на Томислав Николиќ по изборот за претседател на Србија.
Според агендата, Николиќ утре ќе посети три српски семејства во валандовското село Сретеново, а заедно со Иванов во Валандово ќе присуствуваат на 13. традиционална манифестација „Валандовска ракијада 2012“ и ќе ги посетат винариите „Еленов“ - Вила Марија и винарија „Стоби“.
|