26.10.2012, 16:06 За девет месеци буџетскиот дефицит колку за цела година
Буџетскиот дефицит за девет месеци, односно заклучно со септември веќе го исполни лимитот за цела година, предвиден со ребалансот на буџетот во мај. Последните податоци објавени денеска на веб страницата на Министерството за финансии покажуваат дека буџетскиот дефицит во деветте месеци од годинава достигнал 194 милиони евра, а со ребалансот на буџетот беше предвидено тој за цела година да изнесува вкупно 197 милиони евра. Со оглед на тоа што во овој податок ги нема месеците октомври, ноември и декември, тоа покажува дека буџетскиот дефицит дефинитивно ќе ги надмине проекциите. Впрочем тоа веќе го најави Министерот за финансии Зоран Ставрески, кој отворено кажа дека буџетскиот дефицит годинава наместо 2,5 отсто од БДП, ќе достигне 3,5 отсто од домашниот бруто-производ.
Инаку, според вчера објавените податоци, во септември во буџетот биле собрани вкупно 181 милиони евра, а биле потрошени 211 милиони евра, што значи дека само во септември кусокот во државната каса изнесувал 31 милион евра. На приходната страна, најголем дел од средствата се собрани од данокот на додадена вредност, 43,3 милиони евра, а не е за потеценување ниту податокот според кој речиси 13 милиони евра се собрани од неданочни приходи, во што меѓу другото влегуваат и казните. (С.М.)
|