26.10.2012, 13:02 „Окта“ од наредната недела ќе пласира готови производи
Конечно и од Рафинеријата „Окта“ во Скопје потврдија дека компанијата после шест месеци пауза ќе проработи
Од таму велат дека во тек е подготвителна фаза за почеток со работа на сите нејзини производни оддели, а готови производи се очекува да бидат дистрибуирани на пазарот од наредната недела.
„Редовното одржување е завршено според плановите, а активностите на Рафинеријата се во согласност со бизнис планот на компанијата.
И покрај укинувањето на одобренијата за поедноставени постапки за увоз и извоз на нафтени производи, ’Окта‘ ќе продолжи со сите неопходни активности за нормално и непречено снабдување со високо квалитетни нафтени деривати на домашниот пазар, како и со извоз, од што бенефит ќе има и домашната економија“, се вели во соопштението од „Окта“.
Деновиве, грчакта информативна агенција АНА, прва објави дека Рафинеријата повторно ќе го рестартира производството, но според нив тоа не е поврзано со проблемите кои се појавија минатата недела и казните што ги заработи Рафинеријата од Царинската управа.
„Окта“ заработи кривична пријава поради недозволен увоз на стока, или како што пишуваа домашните медиуми поради увоз на бензини со помалку октани од декларираното. Покрај кривичната пријава Царинската управа на „Окта“ и ги одзеде и одобренијата за поедноставени постапки за увоз и за извоз, а тоа значи дека цистерните на компанијата од сега ќе мора да чекаат како и останатите за царинење на границите.
Се смета дека со рестартирањето на Рафинеријата нема да биде потребно да се увезуваат готова нафта и нафтени деривати од рафинеријата на „Хеленик петролеум“ во Солун, а ќе се надминат и потенцијалните проблеми со снабдување со нафта. (С.М.)
|