23.10.2012, 16:31 Опозицијата се обедини во Сојуз за иднината
Четири партии се приклучија на опозицискиот фронт предводен од СДСМ - ЛДП, ВМРО-Народна, Достоинство и Обединети за Македонија
ФОТО: Петр Стојановски
Некогашните лути непријатели денеска седнаа на заедничка маса и ставија потпис на новиот опозициски фронт, предводен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Четири нови партија од десницата, левицата и центарот (ЛДП, Обединети за Македонија, ВМРО-Народна и Достоинство) се приклучија на новиот Сојуз на иднината, најавувајќи битка како што велат за иднината на земјата. На идното партиско сојузништво потписи ставија лидерите на партиите Бранко Црвенковски, Андреј Жерновски, Љупчо Георгиевски, Стојанче Ангелов и претставникот од Обединети за Македонија, Раде Милосовски. Лидерот на ВМРО-Народна, Љупчо Георгиевски на свеченоста во хотелот „Холидеј Ин“ се појави со сина вратоврска. Тоа е само една од отстапките, кои што Георгиевски тврди дека е подготвен да ги направи во иднина, во интерес на државата.
„Од денеска целата македонска опозиција е заедно со една цел – битка за иднината на Македонија“, изјави лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски на потпишувањето на договорот, кој беше повеќепати најавуван во изминатите месеци, и се случи во моменти кога многумина се сомневаа дека може да дојде до окрупнување на опозицискиот блок.
„Многумина се сомневаа дали е можно да се случи ваква соработка. Не е спорно дека сме ралични. Во минатото сме воделе тешки политички битни, сме се напаѓале и сме се навредувале. Но, сега сите сме согласни дека предизвикот пред кој е исправена Македонија е поголем од нашите разлики. Иднината на граѓаните е поважна од теснопартиските интереси и од некогашните недоразбирања“, рече Црвенковски.
Договорот меѓу петте партии се случуваше во исто време додека Владата го празнуваше 23 Октомври – Денот на ВМРО. Според лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски не е случајно избран датумот, оти не станува збор за партиски празник, туку за празник на сите Македонци.
„Јас сум ВМРО, вие сте ВМРО, само не сме ДПМНЕ“, рече Жерновски во преполната сала. И покрај разликите во партиските платформи, според него, една работа сепак ги зближува сите - тоа е љубовта кон Македонија. (Д.Т.)
|